Гледајте по едни вести на ден за да бидете колку – толку информирани

За Сања Сеизова – Мрмова, новинарка во телевизијата Сител, главниот град би требало да биде многу поприсутен во информативните програми на наши телевизии, а и други работи и недостасуваат…

о Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?

За викенд филмови, попладне со кафенце може и турски серии, по едни вести на ден за да бидете колу-толку информирани, навечер што ви душа сака. Пуританците често се ежат од вакви препораки, но навистина е илузорно да се инсистира на телевизиска  “длабочина”. За професионалците телевизијата е сериозна работа, но за гледачите таа е право на избор и релаксирање, најчесто со далечинско во рацете и шетање по каналите се додека не се  најде нешто интересно и гледливо. Луѓето сакаат забава, но и информација, особено во вакви несигурни времиња. Прашање е само кому ке му веруваат и кој квалитет ќе го одберат. Ова се однесува и за забавната, но и за информативната програма.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

Никогаш доста од забава и хумор на ТВ. Тоа навистина фали во македонскиот етер.  Информативната програма исто така  не смее  да биде здодевна. Добар микс на сериозни, но и интересни вести знае чуда да направи. Гледачите веднаш препознаваат нови идеи и оригинални концепти и се лепат на нив. Уште ако тоа е домашна продукција, ако се работи за ситуации  од нашето секојдневие, интелигентно и духовито сработени, успехот е загрантиран. Стопати се покажало и докажало дека сме мајстори за репортажи и документарци. Токму ваквата продукција треба да се стимулира. Недостасува и домашна  детска и младинска едукативна програма, научни и образовни емисии, но тука неминовно се поставува прашањето дали таа публика одамна е изгубена со експанзија на интернетот.

 Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

Се разбира дека Скопје би требало да биде поприсутно во информативните програми, но и да има  повеќе специјализирани градски  емисии кои би обработувале разни теми. На скопјани дефинитивно им требаат  локални  информации, почнувајќи од сообраќајот па се до културниот  и забавен  живот, кој во моментов е на маргините. Но, така беше и пред короната. Нашите сограѓани ги пребаруваат социјалните мрежи за да дознаат што им нуди градот во викендите и вечерните часови, наместо да се информираат преку  слика и репортажи од  телевизиските екрани. Недостасуваат такви емисии, своевидни  водичи низ уметничкиот и културен живот на Скопје. Недостасуваат и емисии за  градските проблеми преку кои ке може да се  изврши притисок  за да се најдат адекватни решенија. И нормално, да не заборавам, градот го прават лугето на кои треба да им се отстапи место во телевизискиот  простор. Затоа, драги Скопјани, не бегајте од тв анкетите, и вие имате што да кажете.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

Избегнувајте го она што ве нервира и ве прави тензични, влијае на расположението и на имунитетот. Каналите лесно се менуваат. Ако ви е преку глава од политиката и короната, свртете на Дисковери или Хистори ченл. Ако и тоа ви е напорно, секогаш има  музички канали,  емисии  за готвење, мода спорт. Лично препорачувам тв серии кои во последно време се се поквалитетни , но за жал ги нема на нашите телевизии. За  WandaVision, Pen15, The Boys, моја топла препорака, навистина добра продукција. Нашите соседи имаат одлични политички ток -шоуа. За жал, кај нас овој жанр не се развива.

Претходна вестОбвинение за скопјанец кој во јануари запали паркирани возила
Следна вестДа сум градоначалник на Скопје ќе ги ослободам тротоарите од секакви пречки