Да сум градоначалник на Скопје ќе ги ослободам тротоарите од секакви пречки

Архитектoт и социолог Маја Лаловиќ – Блажевска одговара на прашањето на „Скопско Ехо“ – кои три работи прво ќе ги направите ако сте градоначалник на Скопје…

  1. Подобра пешачка проодност и достапност

Пешачки и јавни површини (тротоари и плоштади ) кои се ослободени од секакви физички пречки како автомобили, контејнери за комунална хигиена, фриволно поставување на приклучоци за било каква инфраструктура, столпчиња и слично. Отстранување на предимензионираниот неонскиот шунд од билборди поставени на невкусна густина на сообраќајниците кои по големина како да се наменети за автопат. Пешачките зони да се богато проследени со зеленило и урбана опрема со уникатен дизајн. Акцент на јавниот сообраќај преку зголемен број на незагадувачки јавни возила на сметка на индивидуалниот автомобилски сообраќај и тоа на издвоена сообраќајна лента или ниво на коловозот.

2. Намалување на урбанизацијата

Одредување на рамка на градот, намалување на активната урбанизација. Подобрување на условите за живеење и работа со итно спречување на неконтролираното проширување на градот преку хомогената станбена програма. Наместо тоа, да се обезбеди збогатување на програмите на населбите со нова урбана инфраструктура, нови школи, градинки,  спортски и здравствени установи, културни и хоби центри и слично. Обезбедување на повеќе рекреативни базени, отворени и затворени.

3. Комунално-еколошка контрола на градот

 Приоритет би ми бил поставување на подземни отпадни пунктови како замена на постоечките контејнери поставени на сообраќајните зони со цел да се отстрани физичката бариера и да се спречи непријатна аерација. Селектирање на отпадот за добивање на енергија од биомаса, рециклирање на соодветен отпаден материјал како стимулација за обезбедување нови работни места преку ангажирање на тесно специјализирани фирми, со обезбедување на строга инспекциска контрола справување со отпадот.

Претходна вестГледајте по едни вести на ден за да бидете колку – толку информирани
Следна вестШилегов: Просторот кај паркингот до ГТЦ треба да доживее трансформација, но каква – ќе одлучуваме заедно