Колеги новинари, дајте нешто авторско на телевизија

Пензионираната новинарка на Македонска телевизија, Соња Гиздавиќ, има големи забелешки за оригиналноста на програмите на нашите телевизии. Таа ги повикува своите активни колеги да бидат оригинални во пристапoт кон темите кои ги обработуваат.

 Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми?

-Во овие скудни и тешки времиња, како грижата за здравјето, така и се поголемата сиромаштија кај населението во Македонија, а особено со наметнатата алиенација како од блиските, така и од сите други, кога повеќето од времето го минуваме дома, единствена разонода покрај домашните обврски, читањето книги, слушањето музика и слично, прозорец кон светот ни се програмите на телевизијата. Ги доживувам како бегство од реалноста која за секој од нас е мачна. За мене, а тоа и го препорачувам убаво е да се следат емисиите кои говорат за убавините и неоткриените места во Македонија, за кулинарските специјалитети во светот кои истовремено не запознаваат со земјите што не сме ги посетиле. Добар избор се и филмовите.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

-Утринските контактни емисии на сите канали. Доста е од плукање и небулози! Емисиите во кои се плука на опозицијата или на актуелната власт. И, на крајот, дајте колеги новинари нешто авторско. Доста е со копирање на сериите од српската телевизија, кои, за разлика од кај нас, каде на бедните им подарувате симболични пакетчиња, тие во Србија им подаруваат дом, комплетно уреден! Во ситуација кога кај луѓето полека се вселува стравот за сопственото здравје, за здравјето на најблиските, на пријателите… во последно време избегнувам да слушам вести било на радио, било на телевизија. Од проста причина, што после таквите вести се чувствувам обесхрабрена, тажна и денот ми е за никаде. Јас сум борец по природа, и не сакам таквите вести да ми го уништат оптимизмот.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Во Македонија има млади, неоткриени таленти во сите сфери на живеачката: почнувајќи од егзактните науки, иновациите, спортот, па се до широкиот спектар на убавите уметности. Но, за жал, нема кој да ги подржи! Предлагам емисија со наслов „Подиум“ во која би се презентирале младите таленти, кои со помошта на заинтересираните спонзори, би можеле да успеат во животот и да се гордееме со нив.

Едно дамнешно време на програмата на МТВ се емитуваше серијал со наслов „Фиданка“, во која гостуваа писателите за деца, која ги посетуваше селата и градовите во кои основните училишта немаа училишна библиотека, во која гостуваа писателите за деца, и секоја емисија резултираше  со отворање на училишна библиотека, благодарение на тогашните државни издавачки куќи. Акцијата беше прифатена и успешна. Но, за жал, од непознати причини, оваа хумана акција беше прекината со емитување на МТВ. Нека им служи на чест на тие што беа одговорни за овој немил настан. Еве ви уште една идеја за нова емисија, да се продолжи „Фиданка“.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

-Недостасуваат емисии за симболите на Скопје, за минатото, за музеите, за личностите кои оставиле белег било во архитектурата, спортот, музиката, театарската, балетската и филмската уметност, книжевноста, сликарството. Исто така, и емисии за поединци и групи на граѓани-алтруисти, кои со својата активност им помагаат на своите сограѓани.