Има ли сили власта да го разгледа предлогот за амнестија на осудените за 27 април?

Од вчера пратеничките групи во македонското Собрание можат да видат што е содржината на предлогот за амнестија на осудените за настаните од 27 април 2017 година. Предлогот зад коj стојат неколкумина адвокати предвидува сите оние кои се осудени на казни затвор до десет години да бидат ослободени од понатамошно издржување на казна, а за осудените над десет години да се ослободат од 50 проценти од казната. Ќе го разгледа ли сериозно овој предлог парламентарното мнозинство?

Познато е, по упадот во македонскиот парламент од страна на граѓаните коишто реагираа на начинот на изборот на нов претседател на Собранието беа осудени повеќемина лица. Судот во Скопје во 2019 година им изрече казни во времетраење од вкупно 211 години на обвинетите за упадот во Собранието на 27 април 2017. 

Од 17 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок 16 се прогласени за виновни и добија повеќегодишни затворски казни, додека еден обвинет- оперскиот пејач Игор Дурловски е ослободен од обвинението. Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Тогашните колеги на Чавков од МВР, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви добија по 15 години затвор, Оливер Поповски- 13 години, а Оливер Радулов- 10 години затвор. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање е казнет со 15 години затвор, а Абдуљфета Алими е осуден на 7 години затвор. Од лицата кои со фантомки влегоа во Собранието, највисока казна добија Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо – по 15 години затвор; Вилијам Михајловски доби 14 години затвор, Игор Југ и Горанче Анѓелковски по 12 години затвор, а Александар Василевски-Нинџа доби 8 години затвор. Инаку, во 2018 година  владеачкото мнозинство донесе Закон за амнестија со кој од вина се ослободени други 15 лица кои учествувале во настаните, што за јавноста беше селективна правда.

-Како најголемиот дел од осудените имаат одлежано половина од изречените казни и се пет и пол години во затвор, и особено во насока на исправање на неправдата нанесена со селективната амнестија, го поднесуваме овој предлог Закон до сите пратеници од кои очекуваме да иницираат негово ставање на дневен ред. Се разбира законското решение може и да се доработи од страна на заинтересираните пратеници, за што посочените адвокатски канцеларии стојат на располагање, информираа подносителите.

Како на ова ќе реагираат пратеничките групи, особено владеачките, останува да се види. Предметот е и пред Врховен суд којшто треба да се изјасни.

Власта и опозицијата различно гледаат на случајот, но она што е факт е дека целиот настан, судскиот процес, квалификациите и изречените казни… предизвикаа длабоки поделби во македонското општество. Голем дел од граѓаните во Македонија сметаат дека престрого се казнети некои лица, а други се ослободени само затоа што помагаа на власта околу разни нејзини намери и цели.

Сега по толку поминати години, а и по сите искажани пораки на власта дека е  потребно обединување на македонските граѓани, вреди сериозно да се разгледа овој предлог за амнестија. 

Претходна вестСпасовски: Инцидентот во Охрид е дел од хибридна војна, тепаниот и тепачите се од иста групација
Следна вестМалолетничка на Инстаграм запознала момче, ја снимал, па ја принудувал на секс со уште 4 други лица