Карантин за сите патници кои слетаа во Финска со летот од Македонија

Сите патници кои со авион од Скопје притигнаа во финскиот град Турку се ставени во карантин и ќе бидат тестирани за Ковид-19, изјави синоќа Риита Лиукса, директор на Одделот за цивилна заштита на Турку.

Таа објасни дека патниците кои живеат во Финска ќе одат во домашен карантин, а за другите карантин обезбедуваат локалните власти.

Сè уште нема информации колку од околу 130 патниците кои пристигнаа од Скопје се Финци, а колкумина се странци.

На патниците не им е дозволено да користат јавен превоз на пат од аеродромот до местото на карантин. Надлежните институции ќе контролираат дали карантинот се почитува, а за негово евентуално прекршување се предвидени казни.

Финските власти претходно соопштија дека од 157 патници кои во саботата со авион од Скопје пристигнаа во Турку, по направеното тестирање, 26 биле позитивни на Ковид-19. Трисетина патници се жители на Турку, а најголем дел од останатите се од регионот Усимаа и други делови на Финска.

Иако нема официјална информација за идентитетот и националноста на заразените, финските медиуми пренесуваат дека десетина се жители на Турку.

Македонското Министерство за здравство соопшти дека според информациите на службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција, повеќето од 157-те патници во авионот се државјани на Косово и на Финска, а само двајца се македонски граѓани.

МНР преку Амбасадата во Стокхолм, која ја покрива и Финска, ја побара листата со имиња на патниците кај кои било констатирано присуство на вирусот. Министерот за здравство Венко Филипче, најави дека по анализа на сите информации ќе бидесбиде одлучено дали во иднина ќе се бараат ПЦР тестови за граѓаните на соседните држави кои само транзитираат низ земјава.

Претходна вестСончево, попладне можен е пороен дожд
Следна вест511 граѓани казнети за неносење маска