Ќе може ли со потврда од МВР дека си фотографиран да се патува во странство?

Хаосот околу ултимативното менување на личните документи во Македонија продолжува. Со тоа продолжува и малтретирањето и понижувањето на македонските граѓани.

Веќе сите видоа дека власта е крајно неорганизирана, а и не баш заинтересирана хаосот да го среди. Сега на големите гужви се додава и тоа дека и државниот правобранител Насер Зибери кажа – има информација за недостаток на обрасци за лични документи.

Што значи ова? Може на мразот да чекаш со часови ама на крајот да не ти издаат документ иако ете ќе дојдеш на ред да се фотографираш?

Ќе може ли со потврда од МВР дека те фотографирале да се патува во странство? Прашањето ви делува несериозно? Да, ама за ваквата ситуација создадена од власта ова е логичното прашање кое треба да го одговори.

Инаку, од порано се виде и дека ако сега закажеш редовен термин во МВР ќе ти закажат за во октомври иако крајниот рок кој го наметна власта е средината на февруари.

Вистински хаос и неодговорност. По чија вина многу македонски граѓани ќе немаат лични документи на кои стои омилениот збор на Владата – северна?

Поради сето ова правобранителот веќе добива претставки од страна на граѓани за неможноста да закажат термин за стекнување со лични документи и за проблемот дека не по нивна вина важечките ќе им станат неважечки документи.

И додека се случува ова државно малтретирање на сопствените граѓани, власта со месеци не реагираше, а еве сега кога и таа „прогледа“ – десетина дена решава кој треба да реагира.

Просто човек да си помисли дека намерно се понижуваат граѓаните. Еднаш – кога се прифати странци да одлучат што ќе стои во нашите документи и втор пат – кога таквите документи се издаваат.

А се може да се реши ако веднаш се тргне во постапка на одложување на ултимативниот рок барем за една година. Ќе го направи ли тоа власта или зафатена е со предизборие?

 

Претходна вестУбаво: Студенти на Медицински факултет ќе доделат оксиметри и аспиратори за Детската клиника
Следна вестМасовни отпуштања во Германија, без работа останувааат 10.000 работници во градежништвото