За работењето на скопските комуналци граѓаните често пати имаат големи поплаки.
Нередовно се празнат контејнерите, ги нема доволно, не се чисти темелно и редовно….
Критиките често се оправдани.
Но, некогаш треба да се има разбирање за комуналците кои стануваат немоќни пред постапките на несовесните граѓани.
Тоа добро го покажува состојбата кој трае со денови покрај контејнерите на улицата „50 дивизија“ во Скопје, во непосредна близина на средното училиште и Факултетот за физичка култура.
Таму, некои несовесни граѓани, исфрлија цел рид на отпад од својот дом и веројатно подрумски простории. Наместо цел рид од отпад да си го однесат на предвидената депонија, полесно им било да го остават кај контејнерите. Но, проблемот е што комуналците и да сакаат не можат да ги кренат троседите, двоседите, плакарите… кои се таму оставени. Не ги земаат ниту оние лица кои што собираат стар мебел. Па така, отпадот со денови стои на тротоарот и ја нагрдува населбата но тоа не ги многу загрижува оние што го оставиле ѓубрето таму… За нив, очигледно е, дека им е најважно што си го „исчистиле“ домот, за населбата воопшто не им е грижа.




