Македонката Стефанија Гаштарска за која „Форбс“ предвидува ѕвездена иднина: Се е возможно доколку се вложиш максимално

Убаво е да се види кога македонски млади таленти успеваат во светски рамки. Македонската балерина, дваесетгодишната Стефанија Гаштарска од Скопје, која веќе пет години се усовршува и настапува на балетските сцени во Русија, деновиве доживеа големо признание: руското издание на списанието „Форбс“ ја вклучи на листата на осумте идни ѕвезди во Русија. 

Зад ова стојат бројни настапи на нејзината матична сцена во Перм Опера и Балет, но и настапи во светски познатиот Бољшој театар, при што само за една сезона изигра седум главни улоги во најголемите класични дела. На гостување во театарот „Михајловски“ во Санкт Петербург играше во „Лебедово езеро“ и критичарите ја споредија со Ана Павлова.

-Мекоста и тежината на нејзиниот танц точно го одразуваат нејзиниот кореографски стил, вели „Форбс“.

Околу сето ова зборуваме со Стефинија која викендов имаше големи балетски настапи. 

Како го доживеавте последниот успех со рангирањето меѓу најталентирани балерини во Русија?

-Најмногу ме радував фактот, што некој го следи мојот развој и што смета дека моето место е таму меѓу најдобрите 8. Тоа е огромна мотивација, потврда за мојот труд и уште поголема одговорност. Но, и доказ дека се е возможно доколку се вложиш себе си максимално и доколку танцуваш и работиш со цела душа и срце.

Колкав труд стои зад тоа?

-Зад секој успех стои огромен труд, максимална вложеност и насоченост, многу откажувања и голема визија пред себе. Најважно е да си зацрташ цел и да работиш се додека не ја постигнеш и додека не бидеш задоволен од себе, тоа е моето мото.

Што е Вашата преокупација во овој период…

-Моментално сум малку порастоварена, во смисол само што ми заврши една голема премиера “Ромео и Јулија”. Тоа е претстава која освен технички, исцрпува емотивно, тоа е претстава која бара многу и од глумачки аспект. За една балерина тоа е голем предизвик морам да кажам премногу сум среќна и задоволна од тоа како ја пренесов улогата на Јулија.

Сега почнувам со работа на нова премиера. Ме чекаат неколку гостувања, работа и возбуда во изобилие. Ама мене тоа ме држи во живот и без тоа не можам да се замислам. Колку и да сум преморена и истрошена на крајот на секој ден, се чувствувам среќна и исполнета. Благодарна сум што можам да си го живеам сонот. Моментално работам во Перм Опера и Балет во Русија и сум во рацете на најдобрите професори Витали Димитриевич и Наталија Анатолевна на кои сум бескрајно благодарна.

Какви планови имате за во иднина? Како се гледате во однос на настапите и ангажманите?

– Планови имам и секогаш се големи (се смее). Какви, здравје, ќе откријам понатаму, сега само ќе кажам дека сум насочена исклучиво кон работата, кон гостувањата и кон новата премиера “Рејмонда” која треба да се случи во јуни.

Претходна вестБензините поевтинуваат за два денара, дизелот за 1,5 денари
Следна вестКалин Ивановски скокна за 30 места на АТП листата и сега е на 504. место во светот