Нема потреба да се организира референдум за преговарачката рамка бидјеќи двотретинско мнозинство во парламентот ќе биде доволно да се легитимира процесот, изјави денеска вицепремиерот Бојан Маричиќ. На прес-конференцијата тој рече дека се противи на најавата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека ќе се собираат потписи за организирање на референдум за одобрување на преговарачката рамка.
-Се сеќавате дека опозицијата инсистираше на референдум за договорот со Грција. Тоа во 2018 година го прифати и Владата, тогаш на Заев, решивме да организираме референдум, кој што, партијата која го бараше, реши да го бојкотира. На тој начин отвори дамка, остави една сенка на процесот, иако можеше да учествува и да се затвори. Мислам дека тоа треба да ни е научена лекција. Имаме доволен капацитет и легитимитет на институциите, особено на Собранието, да дискутира, разговара, преку дијалог да дојдеме до 2/3 мнозинство, што е доволен легитимитет на уставните измени без референдум. Ова е мој личен став, Владата нема став. Мој личен став е дека од тоа нема потреба, а институциите треба да си ја преземат одговорноста, наместо да се користи евентуалниот референдум за политички поени, кажа Маричиќ.
Вицепремиерот рече дека по летниот одмор на Собранието ќе тргне дијалогот околу уставните проемни и дека тогаш ќе се збори за точниот календар.
Тој објасни дека скрининг процесот на земјава со ЕУ би требало да заврши во ноември 2023 година, согласно календарот презентиран во Брисел. Скринигот е анализа на состојбата во земјата во однос на усогласеноста на домашното законодавство со она на ЕУ.
-45 проценти од законодавството на Северна Македонија веќе е усогласено со законодавството со ЕУ. Скринингот ќе се одвива на ниво на кластери кои во моментов се шест на број. Временската рамка за објаснувачкиот скрининг почнува во септември годинава. Олеснителна околнос е што земјата веќе има поминато дел од објаснувачките активности во 2018 и 2019 година, по старата методологија. Во тој период биле презентирани околу 8.000 акти, а во процесот биле вклучени околу 2.000 лица од администрацијата. Тоа сега ќе го забрза процесот. Би очекувал дека за не повеќе од 16 месеци можеме да го завршиме скрининогот, рече вицепремиерот.
Во врска со забелешките на македонистите за едностраната изјава од македонска страна за македонскиот јазик, рече дека во текот на денешниот ден се водат интензивни преговори со нив и оти очекува информации во текот на денешниот ден.
-Мислам дека се покриени сите грижи дека не сме направиле ништо негативно врз нашиот јазик и неговиот карактер, рече Маричиќ.




