Вчерашните случувања во Брисел не значат преговори за Македонија, ниту почеток на скрининг процес туку случи обична фотосесија, изјави денеска Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тој смета дека тоа што се гледало не било скрининг, туку мониторинг.
-Ниту скрининг има, ниту преговори има. Тоа што тие го нарекуваат скрининг е мониторинг, кој трае од првиот момент кога ние сме земја кандидат, од 2005 година, 17 години. Јасна е позицијата, за да почнат преговорите потребно е да се смени Уставот. Дури потоа ќе се одржи онаа вистинска меѓувладина која ќе почне да го води процесот на скрининг и отворање на кластерите и поглавјата. Вчера имало само обична фотосесија, изјави Мицкоски при денешната посета на улицата која се реконструира во скопската општина Бутел.
Тој објасни дека референдумското прашање нема да биде за промена на Уставот за влез на Бугарите во него и дека е можно Бугарија да се откаже од тоа барање во корист на тоа Преговарачката рамка со билатералниот договор и Протоколот да станат европска преговарачка рамка за Македонија. Според лидерот на опозицијата, граѓаните ќе се изјаснуваат дали ја прифаќаат Преговарачката рамка со билатералните договори и Протокол за почеток на преговорите со ЕУ. Но, за него нема да биде изненадување ако власта се обиде да го опструира референдумот.
– Уставот предвидува два типа референдум, пред и по носење одлука. Но тоа е погрешната стратегија на СДСМ и нивните ментори. Ние нема да се реферираме во тој дел зашто тоа се три различни процеси. Имаме билатерален договор и протокол, промена на Уставот и трето – усвојување на преговарачка рамка каде шверцерски е вметнат првиот процес. Вториот процес – промена на Уставот гарантирам дека нема да се случи, а гаранција за тоа се пратениците. Се фокусираме на Преговарачката рамка, на член 5 алинеја 4 од неа, каде е вметнат протоколот и билатералниот договор. Граѓаните треба да одлучат дали прифаќаат таква Преговарачка рамка со билатерален договор – изјави Мицкоски.
Според него, Софија може да се повлече пред вториот кластер.
– Сега Бугарија нема ништо, таа е изолирана во нејзината намера да се фокусира на протоколи и на билатералниот договор. Тие уште го немаат европеизирано нивното барање. Излезе еден брифинг – „што ако Софија се повлече од барањето за уставни измени“? Не би ме чудело тоа, а тука тоа Владата ќе го претстави како голема победа. Не, повлекувањето на Софија и репроектирањето пред вториот кластер, ако тоа се случи, ќе значи дека Владата ќе ја прифати Преговарачката рамка и тогаш билатералниот договор ќе стане европски договор, изјави Мицксоки.




