Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски нема да си даде оставка по највисокиот пораз во историјата кој репрезентацијата го доживеа синоќа од Англија со 0-7. На прес-конференцијата по натпреварот тој се извини за срамот.
-Сакам да ѝ се извинам на цела нација, во мое лично име и во име на играчите, јас сум тој што праќа повици, јас решавам кој ќе игра, така да се извинувам до македонската нација, посебно до тие што дојдоа тука. Благодарност за нив што дојдоа да нѐ бодрат. Играчите се истите, од Италија, Португалија, јас сум истиот. Се случуваат вакви лоши моменти и мора да преземеме сите одговорност, но јас не сум карактер да се откажам веднаш. Мора сите да ја поправиме нашата слика и да бидеме подобри, рече Милевски по тешкиот пораз.
Селекторот додаде дека се соочивме можеби со најсилната селекција во Европа.
-Но, факт е и дека потфрливме во исполнување на одредени тактички замисли иако јасно е дека по оние први погодоци кои дојдоа поради индивидуални грешки, понатаму се се сруши. Во секој случај пресуди индивидуалниот квалитет на противникот, кој е на едно друго ниво. Нивното издание вечерва е за секоја пофалба, потенцира тој.




