Холандски инвестициски фонд „Балкан алајанс хелткер Б.В.“ ќе стане мнозински сопственик на приватната здравствена установа – клиничка болница „Жан Митрев“ преку купопродажба на удели. Од клиниката соопштија дека е во финални преговори за стратешко партнерство со овој холандски фонд.
Како што велат, преговорите се однесувале за влез на Фондот како партнер во Клиниката, што ќе овозможело оваа здравствена установа да ги проширува своите дејности и да ги подигне уште на повисоко ниво стандардите во медицината во Македонија.
– Ова стратешко партнерство е поддршка на веќе започнатиот проект за прераснување на Клиниката Жан Митрев во регионален медицински центар. На овој начин стануваме финансиски помоќни за да растеме побрзо и да се развиеме во вистински регионален центар за здравствени услуги со највисоки стандарди. Според договореното, доктор Жан Митрев како и досега така и понатаму ќе ја предводи целата операција на трансформација на Клиниката во регионален центар каде учат и се развиваат и нови кадри на лекари во делот на кардиохирургијата и останатите дејности. Ќе се овозможи и поголема соработка со експерти од странство, а нашиот (know how) ќе биде искористен за медицинските центри во сопственост на Холандскиот фонд што значи проширување на дејноста на Клиниката Жан Митрев на регионално ниво, изјавија од Клиниката Жан Митрев.
„Балкан алајанс хелткер Б.В.“ е формиран во 2006-та од страна на повеќе европски и американски инвестициски фондови. Предводен е од David Lyle Mathewson и Andrei Christian Krikliwy кои се истакнати бизнисмени во делот на инвестициите во здравствениот сектор, телекомуникации, медиуми и финансии услуги. Во делот на здравствениот сектор имаат свои инвестиции во Албанија, Косово, каде поседуваат 6 медицински центри. Во планот за реионално проширување се: Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Турција и Романија. Вредноста на Фондот во моментов изнесува 320 милиони американски долари“ појаснуваат од Клиниката Жан Митрев.
Инаку Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“.
Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.




