Па, како може Црвенковски да не верува во „датумот“ на Ковачевски?

На Македонија со години и се ветува датум кога ќе се добие датум на кој ќе почнат преговорите со ЕУ. И уште се чека тој датум. Ама, сега веќе се почесто се даваат и датуми кога ќе се влезело во бриселското друштво.

Судбина македонска, се само датуми чека, чека…

Премиерот Димитар Ковачевски веќе одамна истакна дека Македонија ќе е членка на ЕУ во 2030-та година. Неговиот оптимизам и визија реални се?

Ковачевски на прес-конференција во Владата, кажа дека „датумот“ е достижен.

– Целта ни е да ги завршиме преговорите во 2030 година. Тоа е реално и достижно. Сигурен сум дека во следното проширување на ЕУ ќе биде и Македонија, рече премиерот.

И потоа, лидерот на СДСМ, тргна често да го кажува тој датум на македонската јавност. А, еврофункционерите постојано само повторуваат дека многу ги сакаат земјите од Западниот Балкан во свое семејство, но терминот кога тоа би можело да се случи не го кажуваат. Во март годинава еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји при престојот во Скопје само порача дека членството „може да биде порано, но и подоцна од 2030-та година и се зависи од испораката на реформите“.

Голем дел од македонската јавност смета дека „датумот“ кој премиерот и го додели на Македонија е нереален. Подржувачите на СДСМ одговараат дека Ковачевски е лидер и има реални планови, а сите што не веруваат се „евроскептици“.

Ама вчера се јави еден друг лидер на СДСМ – Бранко Црвенковски. И тој не е убеден дека 2030-та година е реална за наш прием во ЕУ.

-Мора да признаам дека за мене се прилично нелогични и без реална поткрепа изјавите без разлика од каде и од кого доаѓаат дека ако сега ги отпочнеме преговорите за 4, 5 или 7 години ќе станеме полноправна членка на Унијата. Или дека војната во Украина создава нов моментум кој ќе го забрза процесот на проширување, потенцира вчера Црвенковски.

Кој зборува пореално: актуелниот премиер или на поранешниот премиер и претседател на Македонија? Ова е важно да се одговори оти брзањето во ЕУ-процесот не е добар сојузник за Македонија пред која се поставени бројни услови и уцени содржани во преговарачката рамка направена врз основа на францускиот предлог за кој и нашите функционери рекоа дека „не е идеален“.

Треба добро да се простудира во СДСМ зошто Црвенковски не му верува на Ковачевски. Кога не му веруваше Мицкоски објаснувањата беа дека тоа е така оти е злонамерен опозиционер, ама сега со Црвенковски…

Треба да се размисли и околу предлогот на поранешниот претседател – земјите од регионот кои чекаат преговори или пак ги започнале, а се заглавени, да се здружат и заедно до ЕУ да побараат пристап до европските фондови и европскиот пазар.

-На тој начин земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Од друга страна ЕУ би го зајакнала својот кредибилитет, како и влијание во регионот, и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија, рече Црвенковски.

Ковачевски ќе се одважи ли ова да го прифати? Но, што и самиот Црвенковски ќе прави за неговата идеа почне и да се остварува?

Претходна вестРама му порача на Курти: Излези од човечката самоизолација, не го губи северот на Косово
Следна вестДве лица влегле во куќа во Струмица и го истепале и ограбиле домаќинот