Не е доцна за ревизија на ДУП-от кај ГТЦ, само треба да се има добра волја

Најавата за нови висококатници во Скопје, овој пат кај ГТЦ разочара многу скопјани. Социјалните мрежи се полни со негодување и неприфаќање да се трупа центарот на градот со нов бетон.

Во текот на оваа недела треба да се види како ќе изгледаат трите висококатници и целиот простор на паркингот кај ГТЦ врз основа на проектот кој ќе го презентира фирмата МГ Фешн, која што е инвеститор заедно со Македонска православна црква. Од фирмата тврдат дека проектот е многу подобар во однос на она што деновиве се претставувало во јавноста како бетонски грдосии  во срцето на централното градско подрачје.

Но, што ако и таков проект не ги задоволи барањата на скопјани за зеленило, за намалени висококатници, за отвореност на просторот кон реката… Ќе се тргне ли во градба и покрај сето тоа или ќе се оди на дополнително преиспитување на проектот и доаѓање до изгледот кој ќе биде прифатлив за сите?

Вакви прашања се наметнуваат во фазата во која западна осмислувањето на целиот овој простор кој е многу драгоцен за градот и ќе го дефинира изгледот на централното подрачје. Историјатот е добро познат: имало првичен ДУП од 2012 година кој предвидувал 60-катници, па имало мораториум, па имало ревизија, неуспешен обид да се донесе нов ДУП, одлука на уставните судии да се укине мороаториум и отворање на можноста да се гради врз основа на стариот ДУП. Инвеститорите покажале „добра воља“ со тоа што тројно ја намалиле дозволената височина, што внеле други измени со што го „хуманизирале“ првичното бетонизирање…

Повеќе илјади граѓани веќе ја потпишале петицијата со која се противат на изградбата на нехумано голем објект и на „бетонско чудовиште“ на овој простор. Тоа и други реакции се доволен сигнал до сите дека овде треба да се бара ново решение, односно, да се бара решение кое ќе ги задоволи сите – и сопствениците на просторот, и потребите на граѓаните и на општина Центар и на Градот Скопје…

За тоа има време и тоа треба да се искористи. Општина Центар, кога Уставниот суд и го укина мораториумот, најави дека ќе ја продолжи битката овој, но и други ДУП-ови кои не стасала да ги ревидира (вкупно 23), да бидат ревидирани. Но, набрзо по таа најава се случи уплаќање на комуналиите од страна на инвестоторите. Значи ли тоа дека општината се откажала од битката да се добие ДУП прифатлив за сите?

Таа битка не смее да запре бидејќи овој простор е предрагоцен за градот и граѓаните за да биде оставен со ваков епилог. Во ова треба да се вклучи и Град Скопје, па и централната власт.

Додека уште има време, а време има, треба заеднички сите да седнат: и инвеститорите и општински, градските власти како и претставници на граѓаните при што сите треба да покажат желба да се најде најдобро решение во интерес на Скопје и скопјани.

Претходна вестOрганизатори на настани ќе си организираат сопствени протести пред Владата
Следна вестТопло-ладно со цените на бензините: Поскапеа за денар, сега поевтинуваат за половина