Едната грешка е што не ни текна дека сме Македонци, другата е што не ни текнува дека сме Македонци и третата е што нема никогаш да ни текне дека сме Македонци, потенцира Кацаров
За Трајче Кацаров, поет, раскажувач и драмски автор, апсурдно е тоа што ни требаат и договори за да докажеме дека сме Македонци.
Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?
– Ме потсетува на мигот кога си ги грицкам ноктите. Ги грицкам со сласт се додека не го погодам нервот. Тогаш ревнувам од болка и сфаќам дека не треба да си ги грицкам ноктите, па, колку и да е дојдено времето за тоа.
Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?
– Едната е што не ни текна дека сме Македонци, другата е што не ни текнува дека сме Македонци и третата е што нема никогаш да ни текне дека сме Македонци. Треба постојано да ни е пред очите пораката на Блаже Конески – Големо ни е името, ќе има многу што ќе сакаат да ни го земат. Не се брани, не се докажува македонштината со потпишување договори, туку со дела. Зарем покрај сите универзитети каде се студира на македонски, зарем покрај Академијата за науките и уметностите, македонските национални театари, милионите книги напишани на македонски, исто толку преведени на македонски, ни требаат и договори за да докажеме дека сме Македонци? Мислам дека таква апсурдна ситуација не можат да замислат ниту најголемите творци на театарот на апсурдот.
Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?
– Според тоа како мирно ги прифаќаат сите законски одредби, мерки на владата, не знам дали граѓаните се свесни за принадлежностите што ги имаат на сметка на подмирувањето на даночните обврски. Граѓаните секогаш го добиваат не она што го заслужуваат, туку она што ќе си го побараат. Нашиот народен гениј рекол: „Што ќе си надробиш, тоа ќе си сркаш.“ Кога ќе видам како нашите млади масовно се иселуваат за да аргатуваат по западните земји, си мислам дека „аргатската закуска“ ќе остане засекогаш наше традиционално јадење, т.е. ќе биде она што си го дробиме. Еве една случка од мојот приватен живот. Дедо Трајко кој имаше проблем со работните навики, еден ден му рече на татко ми: „Мире сакам да го оставам лозјето на државата, а таа за тоа да ми даде земјоделска пензија.“ Дедо умре, не ја дочека пензијата. По многу години од неговата смрт, мене како негов наследник ми дојде огромна сметка за неплатен данок за лозјето кое во катастарот е заведено како градежно земјиште.
Со што најмногу се гордеете во нашата земја?
– Со малешевската црна слива, со кочанскиот ориз, со Охридското езеро, со археолошкото наследство. Се гордеам со Блаже Конески, со Ацо Шопов, со Гане Тодоровски, со Леб и Сол, со Властимир Николовски, со Личеновски, со Мартиновски, со Манчевски, со Атина Бојаџи. Се гордеам со се’ она што зборува за македонштината, што јасно и гласно ја брани македонштината. Се гордеам со нашиот фолклор кој најексплицитно зборува за различието од другите народи, пред се за различието од соседите.
Во каква Македонија сакате да живеете?
– Во таква во која ќе можам гласно сосем гласно да го извикам Рациновиот стих: „Куќа цел свет ми е!“ Зошто ние што живееме во Македонија, да не се чувствуваме како граѓани на светот? Зошто постојано да бидеме кинисани кон некои вредности кои се диктирани од западните, од развиените земји? Зарем ние немаме наши вредности со кои можеме да побараме рамноправност со земјите од ЕУ, со земјите од развиениот свет? Што би рекол поетот Каштелан, имаме и ние многу алги во заливите на нашето детство. Да ги покажеме. Да го повикаме светот, како што некогаш Гане Тодоровски го повика преку својата песна – „Дојди во Охрид“.
Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?
– Би го одзел она „че“, од крајот од личните именки. Нека секој Борче, се вика Борец, а од секој Трпе, трпки да ти идат. Бидејќи сум театарџија морам да кажам дека ми недостасуваат домашни автори, домашни драми, домашни конфликти. Преку глава ми е, а не е добро и за нашиот иденгтитет, театрите да се потпираат врз репертоар граден врз импортни конфликти. Убаво е да имаме увид во светските книжевни, театарски, музички вредности, но не треба да се занемаруваат домашните.
Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?
– Би можел да се послужам со стиховите на српски поет: „Немам ништо, а би дал се’“ Но, да ги оставиме стиховите. Мислам дека на Македонија, како и секој граѓанин на својата држава, треба да и’ го дадеме она што може да и’ го дадеме. Секој треба разумно, одговорно, да си ја врши работата, да ја обавува својата специјалност и тоа е доста. Во транзицискиот период стекнавме поинакви работни навики. Членувањето во некоја од партиите го сметавме, т.е. го сметаме како влог во организирањето на заедничкото живеење. Луѓето наместо да се грижат за своите специјалности, тие се трудат да обработат за партијата во која членуваат. Тоа доведува до партизација на државата, односно, до создавање на малигно ткиво кое не го остава болниот во живот. Членувањето во некои од партиите не е она што треба да и’ го дадеме на државата. Можеби е апсурдно, но мислам дека институциите на системот треба да ги водат не партиски кадри, туку специјалисти. Сметам дека најмногу почнав да и’ давам на државата кога наместо кон партиите се свртев кон себе и кон мојата специјалност.




