Бугарската делегација пречекана со транспаренти – Петков со помирливи пораки, Захариева се пожали на правата на Бугарите

Бугарската заедница во Македонија е мост меѓу двете држави, порача премиерот на Бугарија Кирил Петков во обраќањето на отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Тој допатува заедно со потпреседателката на Бугарија Илијана Јотова како и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

-Вашата благосостојба е гаранција за добри односи. Односите меѓу владите се подобруваат. Ковачевски исто така, ја потенцира важноста на искоренување на говорот на омраза и на потребата бугарската заедница во Македонија да се чувствува целосно рамноправна. Денеска е денот на бугарскиот Устав. Основен закон за заштита на слободите. Сметам дека уставните права на бугарската заедница се многу важни и се огромен чекор кон целосна рамноправност меѓу народите, изјави Петков.

Според него, европската иднина на земјава е од големо значење за безбедноста на Балканот.

-Додека работат двете влади, сметам на бугарската заедница да помогне како мост и заедно да ги освоиме срцата и умовите на луѓето, додаде Петков.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова посочи дека е непходно прво да се решат правата на Бугарите во Македонија за земјата да стане дел од Европската Унија.

-Тоа е нашата позиција. Инаку се радувам што сум во Битола и сум дел од овој настан, рече Јотова.

Слична порака порака испрати и шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска.

-Сите сили треба да бидат насочени кон решавање на правата на Бугарите во (Северна) Македонија, што впрочем е нашата основна цел, истакна министерката за надворешни работи на Бугарија.

Поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, кажа дека сите политичари треба да имаат една цел – правата на Бугарите во Македонија, напоменувајќи дека граѓаните на Македонија во Бугарија имаат подеднакви права со Бугарите.

Таа нагласи дека Бугарите во Македонија немале права и дека имало многу жалби за дискриминација.

Бугарската делегација во Битола беше „пречекана“ со транспаренти:  „Гоце=Македонија“, „Кога ќе признаете дека има Македонци во Бугарија?“, „Фашисти пресоблечени во администратори“ на жители на битолското село Кравари.

Фотографиите од герила-акцијата се објавени на фејсбук страницата „Македонски Непокор“.

Протест најавија и од Сојузот на борците од Битола, кои обвинија дека со отворање на клубот „Ванчо Михајлов“, се рехабилитира фашистичката идеологија. Тие реагираа и што владата толерира промоција на културен центар, кој, според нив, директно и индиректно ја помага рехабилитацијата на фашизмот и антимакедонизмот.

 

Претходна вест(ФОТО) Се краде лимот од покривот на „Технометал“, не е безбедно, а полицијата и газдата не реагираат
Следна вестНеделков до утре вечер нема да дава изјави, Бесими им порача ако сакаат повеќе пари, повеќе да работат