Јана Белчева: Нов ДУП, вградување на конкурсниот труд и суспензија на постоечкиот план е единствено решение за „Треска“

Нов Детален урбанистички план, суспензија на донесениот во 2012 година и вградување на решенијата донесени на јавниот конкурс се решение за просторот на поранешна фабрика „Треска“, смета Јана Белчева, актуелен советник во Советот на општина Центар и поранешен претседател на оваа тело.

Како гледате на пожарот во просториите на поранешна „Треска“, на што ви „мирисаат“ густи облаци чад?

– Пожарот очекуваме да го разрешат надлежните институции и да не информираат. Среќа што нема жртви и нема штета по околните жители и објекти. Штетни последици е загадувањето на воздухот со горење на опасни материи, но и повторниот сомнеж дека пожар е проверен рецепт за расчистување терен за градба. Не знаеме се уште чиј имот е изгорен и дали сопствениците на тој имот ги имаат преземено сите обврски за заштита, како што ревносно ги бранат сопственички права.

За овој простор имаше ДУП од 2012 година, па имаше јавен конкурс на кој се добија одредени конкурсни решенија… Сега градоначалникот Горан Герасиовски не ги прифаќа и се најавува правење на некој нов ДУП за Буњаковец 1 и 2. Дали е ова добар пат?

– Како што веќе алармиравме од Шанса за Центар, најголемите, најскапите и најкомплексните чекори за просторот да се реши квалитетно се веќе направени. Доказите дека планот од 2012 е незаконски и дека не смее да се спроведува се јасни. Конкурсот во 2021 е завршен. Од буџетски пари на граѓаните се плати стручна Комисија која избра решенија, ги награди и откупи, а јавноста чека да се презентираат. Според одлука на претходниот Совет, просторот од тој опфат треба да се разработува посебно од планот за Буњаковец и да се реши според идеите од наградениот конкурсен труд. Денес имаме самоволни и паушални изјави од градоначалникот кој не ги почитува одлуките на Советот и кој вели дека планот од 2012 е законски дека тој сака да го запази јавниот интерес. Апсурдно е да тврдиш дека планот не го почитува јавниот интерес, но дека тој е законски. Правење на нов ДУП, разработка за вградување на конкурсниот труд, но претходна суспензија на постоечкиот план е единствено решение за Треска.

Да потсетиме дека скоро 50 отсто од просторот е државно земјиште. Изјавите на градежниците за „градење со усул„ се многу чудни. Предаторски кон државното земјиште во просторот, и по проверен рецепт за доокрупнување парцели „по закон„ не се гради со усул, или пак зборуваат за усул по свој мерак, каде последиците ќе ни останат на сите нас.

Како , всушност, треба да изгледа конечното решение, постапката, за оваа локација, за овој ДУП а кое ќе ги задоволи сите?

– Овој локалитет нуди извонредни услови и нејзиното планирање и обликување треба да ги опфати содржините кои ќе му донесат специфичен квалитет на самиот локалитет и неговите идни корисници, но и пошироко на околните жители, на целата градска четврт Буњаковец, на општината Центар, но и на целиот град Скопје. Никако не треба по секоја цена да се форсира само домување, кое се чини дека носи најголем, брз и лесен профит, туку треба да се бараат други содржини и намени кои одговараат на современите потреби на жителите, ја штитат животната средина и кои го прават просторот удобен за живеење. Тоа се постигнува со решенијата понудени на конкурсот кои треба да се разработат во план. Како што вели професорката Дивна Пенчиќ: Урбанистичкото планирање ги контролира аспирациите на сите приватни сопственици и го штити јавниот интерес. Струката урбанистичко планирање постои за да го обезбеди балансот и да се заштити јавниот интерес на останатите жителите од нескротливите апетити на поединци. Ако нема урбанистичко планирање ќе нема улици, градинки, паркови, реки и сè останато. Сопствениците ќе се во постојан конфликт и секој секому ќе му го узурпира правото на мирен и квалитетен живот.

Што ќе правите како Шанса за Центар во рамките на Советот на општина Центар? Што може и треба да направи Советот?

– Наша постојана заложба е да ги штитиме интересите на граѓаните и да им го вратиме достоинството на живеење во Центар. Нашите борби за квалитетен град ги започнавме уште во 2015, но денес главните предизвици се како институциите да застанат на страна на граѓаните, да го штитат јавниот, а не само приватниот интерес. Наместо да се покаже политичка волја и институционална моќ за промени на подобро за сите, ние се соочуваме со систем кој не ги препознава потребите и го игнорира гласот на граѓаните. Последиците од таквиот однос се пораз за сите нас, не само како град туку и како општество.

Претходна вестДенеска е Цветници, спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалем
Следна вестРуски ултиматум до бранителите на Мариупол: Положете го оружјето и ќе останете живи