Неисплаќање на К-15 за државните административци е реформа, казна или…?

  Во период кога Владата уверува дека економијата ни е во подем, а буџетот кој се носи е најдобар до сега во Македонија, министрите почнуваат една рестриктивна мерка. Имено, државите административци догодина ќе останат без пари за К-15. Веќе се останати и без објаснување зошто нема да го добијат регресот за годишен одмор.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера не објасни детално зошто во буџетот за 2021 година не се предвидени средства за тоа. Годинава таков надомест од 9.000 денари добиле 25.000 вработени во јавниот сектор, но сега парите не се планираат ниту за нив ниту, пак, за останатите околу 105.000 државни административци. Што е причината за ова останува да се претпоставува: од тоа дека државата нема пари за своите вработени, не е задоволна како администрацијата работи, па се до тоа дека на ваков начин актуелната власт се „реваншира“ за поразот на неодамнешните локални избори?

Доколку е причина тоа што државата нема четири милиони евра колку што се потребни за оваа исплата тогаш е прашањето зошто е дојдено во таква ситуација. Вработените во државниот сектор се вработени како и сите други во приватниот сектор, а кои треба да го добијат овој надомест од своите газди. Ускратувањето на исплатата на државните службеници е очигледна дискриминација на вработените. 

Ако, пак, државата како работодавец смета дека се работи за преголем број на вработени и за преголема сума на пари, тогаш се поставува прашањето зошто е дојдено во таква ситуација. Односно, зошто со години се зголемува бројот на државните административци наместо да се намалува за да се добие мала, ефтина и ефикасна администрација. Тогаш, и за исплатата на К-15 би биле потребни значително помалку пари. Наместо тоа, деновиве гледаме како се распишуваат нови огласи за прием на нови државни службеници. Само овој месец активни се 200 огласи за прием на нови административци, речиси исто како и минатиот месец.

Прашања многу. Време е, навистина, државата да расчисти со тоа каква и колкава администрација и е потребна. Со тоа ќе се дојде и до одговорот за платите и другите надоместоци. Во меѓувреме, не е добро да се најавуваат нови министерства без ресори, а да не се плаќа на некои кои се веќе вработени.

Претходна вестПијанистот Коробејников од Русија, вечерва во Филхармонија
Следна вестНе е добро тоа што цела Македонија е собрана во Скопје