Насер Зибери е кандидат за функција Народен правобранител, утврдила денеска собраниска Комисија за избори и именувања. Предлогот бил изгласан со седум гласа „за“ откако Зибери претходно бил предложен од пратеничка од ДУИ. На огласот за избор на Народен правобранител, што беше распишан на крајот на ноември, инаку, пристигнале четири кандидатури.
Пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива реагираше дека оваа функција треба да ја добие опозицијата.
-Треба да биде прекината постапката за избор на народен правобранител и да се разговара за друг кандидат, кој би бил предложен од партиите во опозиција на Албанците. На Зибери му била ветена оваа фунција уште пред изборите, кога се нафатил да биде премиерски кадидат на ДУИ, изјави Сурија Рушити од Алијанса на Албанците.
Комисијата на денешната седница ја утврди листата на пријавени кандидати за избор на претседател и членови на ДИК. На објавениот оглас се пријавиле вкупно 14 кандидати меѓу кои има и поранешни и актуелни членови, но и вработени во службите во Комисијата и правници. Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15 јануари. Досега само ВМРО-ДПМНЕ ја потврди поддршката за Александар Даштевски за претседател на ДИК.
Според процедурата, откако денеска Комисијата за прашања на избори и именувања ќе ја утврди листата на кандидати, ја испраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак во рок од три дена ја препраќа до партиите кои треба да се изјаснат кои кандидати ги поддржуваат за членови на највисокото изборно тело во државата. Листата со поддржани кандидати се доставува назад до Комисијата за прашања на избори и именувања, која ја утврдува и потоа таа се доставуваа до пленумот кој треба да гласа. Рок за одговор од партиите нема, но постапката, според досегашите искуства, може да заврши во рок од еден ден.