Отворaњето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола од саботата ја зовре јавноста во Македонија. Сите реагираат дека именувањето на клубот со име на човек кој соработувал со фашисти е провокација.
Водечките македонските политичари реагираа дури утредента по силните реакции од граѓаните во Македонија. Шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ги кажаа своите ставови без настап пред повеќе новинарски екипи.
– Отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет е чекор кон зближување на народите и нивните култури, именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не и служи на таа благородна кауза. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока, реагира претседателот Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, посочи дека Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани, но очекува ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание.
– Се работи за контроверзна историска личност, која во Република Северна Македонија е доживувана на различен начин од различни групи на граѓани. Сепак, бидејќи се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права, со која ние сме целосно усогласени, ваквите проекти не се предмет на државен надзор. Воедно и Владата на Република Северна Македонија како и јавноста со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања, став е на Ковачевски.
Дали кажаното од двајцата највисоки државни функционери е доволна реакција? Треба ли скандалот и провокацијата да заврши само со две нивни соопштенија – изјави? Ќе се дигне ли телефонот за да се јават во Софија? Ковачевски ќе чека ли да „созрее времето“ (како што самиот рече) за да се отвори македонски клуб во Бугарија или тоа ќе го бара при првата средба со неговиот бугарски колега? Ќе и кажат ли јасно на Бугарија дека газењето на македонскиот идентитет е крајно неприфатливо и го руши добрососедството? По настанот во Битола реагираа чекајки еден ден, сега пак ќе чекаат?



