Потреси во Советот на Битола, новото мнозинство ги разреши управните и надзорните одбори во градските јавни претпријатија

Политички потреси се случуваа синоќа на седницата на Советот на Општина Битола откако се воспостави нова и се уште неформална коалиција на СДСМ, „Поинаку“, Левица, ДОМ и ДУИ. Вкупно 18 советници кои ја чинат оваа коалиција донесоа одлука за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори на шест јавни претпријатија: „Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“ Жабени и Културно информативниот центар. Досегашното мнозинство во битолскиот општински совет кое ги имаше именувано управните и надзорните одбори беше од ВМРО-ДПМНЕ и независната листа „Поинаку“. Со ова, советниците на ВМРО-ДПМНЕ, практично ќе делуваат како опозиција.

Пред гласањето по овие точки, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија општинската седница, напоменувајќи дека е прекршен Деловникот за работа на советот и прекршен е Законот за јавните претпријатија. Од општинскиот огранок на СДСМ во Битола денеска им се заблагодарија на сите советнички групи што го поддржале разрешувањето на членовите на управните и надзорните одбори на битолските јавни претпријатија, напоменувајќи дека тие работат недомаќински или работат во интерес на ВМРО-ДПМНЕ.

-Да имаме во Општина Битола граѓански управни одбори, а не криминални на ВМРО-ДПМНЕ. Јавните претпријатија имаат завршни сметки со долгови откако пред една година на сила ги променија управните одбори. ВМРО-ДМПМЕ и коалицијата доживува фијаско, заборувам како советник повеќе од 10 години и во три мандати, ова е триумф, колеги ви се поклонувам на храброста и мудроста и обврската што ја имаме пред граѓаните. За првпат претпријатијата да бидат претставени од граѓаните во одборите што ќе ги одбереме, ентузијасти и интелектуалци да ги водат кои ние ќе ги избереме, изјави советникот Методија Илиевски од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека битолскиот градоначалник нема да ги потпише донесените одлуки на советот и дека истите се невалидни. Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола, Пеце Милевски синоќа на својот профил на Фејсбук напиша дека се воспоставува „шарена коалиција“.

-Што да се кажи за ваква шарена коалиција која беше дел од шарената револуција на Заев која ја предаде, продаде и уназади државата? СДС, ДУИ, ДОМ, ЛЕВИЦА и ПОИНАКУ спротивно на Законот за јавни претпријатија во нивни стил си играа совет на општина Битола. Денес во советот на општина Битола надвор од позитивните законски прописи, што е спротивно на член 17-ѓ од Законот за јавни претпријатија кој што вели: Основачот може да ги разреши сите членови на управниот одбор на јавното претпријатие пред истекот на мандатот доколку не даде согласност на годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие. Годишните сметки и извештаите за работењето беа усвоени на 26-тата седница во месец Април, напиша Милевски.

Политичката криза во Советот на општина Битола трае веќе неколку недели. Расправиите меѓу битолскиот градоначалник Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ и претседателката на општинскиот совет Габриела Илиевска од „Поинаку“ траат уште од прекинувањето на 26-тата седница на советот, за што мораше да интервенира и Вишиот државен инспекторат за локална самоуправа. Вчера градоначалникот Коњановски ја обвини Илиевска дека згрешила во водењето на 26-тата седница кога незаконски ја прекинала, со што предизвикала политичка криза. Тој тврди дека Илиевска не го почитува решението на инспекторот за локална самоуправа за незаконско прекинување на седницата. Илиевска пак го обвини градоначалникот дека побарал од битолскиот општински совет да му изгласа покачување на платата од 78 отсто за да се примени одлуката на Уставен суд.

Претходна вестМакедонскиот репрезентативец Чурлинов добил сепса, хоспитализиран е во Белград
Следна вестЕден загинат и тројца повредени во сообраќајка на патот Охрид–Кичево