Вештачењето на запленетата марихуана во Србија покажа дека станува збор за наркотична дрога, откако било утврдено дека нивото на ТХЦ ги надминува законски дозволените граници.
Според првичните информации, анализите покажале дека процентот на тетрахидроканабинол е повисок од 0,3 проценти, што според важечките прописи ја класифицира супстанцијата како наркотик.
Случајот се однесува на околу пет тони марихуана пронајдени на имот во селото Коњух, во близина на Крушевац. Дрогата била запленета кон крајот на јануари, на имот поврзан со Раде Спасојевиќ.
Марихуаната била откриена во рамки на објекти на компанијата „Флораком“, која официјално се занимава со земјоделско производство. Според достапните податоци, Спасојевиќ е сопственик на фирмата, но и активен во локалниот јавен живот.
Дополнително, тој се поврзува со Српска напредна партија, како член на советничка група и учесник на партиски настани.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за случајот, а по целосното документирање се очекуваат и конкретни правни постапки.

