Четири лица се повредени во пожарот во Тетово, на граѓаните им се препорачува носење на заштитни маски

Четири лица се повредени во пожарот кои утринава избувна во објектите на поранешниот Монопол во Тетово, информираат од тетовската болница. Три лица се со асфиксија, односно, гушење, а за едно лице се претпоставува дека има скршеница на коленото. Но, сите тие се во стабилна состојба.

Трите лица кои имале гушење се цивили кои помагале при гаснењето на огнот. Четвртото лице се здоби со повреда на коленото од превозно средство и е пренесено на  одделот за ортопедија бидејќи постои сомнеж дека му е скршено коленото.

Центарот за управувње со кризи попледнево информира дека на пожарот се интервенира и од воздух со хеликоптер на МВР. Интервенираат и пожарникари од Тетово, Гостивар, Кичево и Скопје, како и екипи со ПП возила за хемиско гаснење од ТАВ Македонија и лица од ДЗС Тетово и ДЗС Гостивар.

-Во моментов се работи на откривање дали постои опасност во воздухот, односно дали има отровни гасови и што. Состојбата во моментов во однос на отровните гасови, според информациите што ги имам не е алармантна. Има зголемено ниво на ПМ честички, кои во моментов се покачени, но подоцна ќе паднат. Се обидуваме да го ставиме пожарот под контрола, во моментот кога ќе дојде хеликоптерот на МВР, проблемот е што гаснењето на ваков пожар со вода од воздух, може да предизвика ширење на пожарот. Поради оваа причина, побаравме водата да се фрла во линијата на огнот, а не да се фрла во задниот дел каде што имаме и контејнери со експлозив. Апелирам до сите присутни да го напуштат ова место додека не се воспостави целосна контрола, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Од ЦУК предупредуваат дека квалитетот на воздухот е значително влошен и на граѓаните им се препорачува носење на заштитни маски. Општина Тетово во соработка со Секторот за образование веќе донесе и одлука да се прекине наставата во тетовските основни и средни училишта бидејќи воздухот е многу загаден.

Пожарникарите прават огромни напори да го локализираат пожарот за да не зафат и други делови од складовите и фабриката. Вработените од фабриката и волонтери, забрзано од другите складишта изнесуваат големи количини стиропор за да не дозволат и тој да се запали.

Инаку, мерните станици за воздухот во Тетово подолг период не се во функција.

фото: архива

Претходна вестБалабаноски: Пукавме 257 пати врз градоносните облаци во Пелагонија, но авионите не можеа да полетат кон Лозово
Следна вестДизелот поскапува за еден денар, бензините остануваат по иста цена