Врнежите кои паѓаа во изминативе денови не помогнаа многу да се подобрат водостоите на нашите најголеми езера, со исклучок на Дојранското. Состојбите и натаму се критични, а тоа го покажуваат и последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи.
–Водостојот на Преспанското Езеро е намален за еден сантиметар во однос на вчера и е за 1,52 метри понизок од повеќегодишниот просек за декември со што за 50 сантиметри го има надминато апсолутниот минимум. Понизок од просечниот е и водостојот на Охридското Езеро и тоа за 23 сантиметри и е еден сантиметар под дозволениот минимум, додека нивото на Дојранското Езеро е за 2,64 метри повисоко од просекот. Пониски од просечните за овој период од годината се и водостоите на речиси сите реки во земјава, соопшти УХМР.
Состојбата останува загрижувачка и прашање е дали и некои евентуални следни врнежи ќе помогнат да се подобрат водостоите. Тоа значи дека решенијата ќе мора да се бараат на други начин и дека е потребна е посериозна акција од страна на државните институции. Состаноци, консултации, најави во изминатиов период имаше многу. Нема најави за конкретни активности. Ќе се чека ли уште?