Реформите на Министерството за образование и наука имаат за цел да го избришат предметот историја и да се заборави на неговата улога во воспитно-образовниот процес. Ова е оценка на претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев. Тој во текот на гостувањето во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа се спротивстви на преложениот концепт за промени во основното образование.
– Единствена цел е да се избрише од наставната програма во основното образование предметот историја. Никој не е против пишување на нови учебници по историја и воведување на нови наставни методи и алатки за усвојување на историските содржини, но не само во Македонија. Меѓутоа да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, потенцира академик Коцарев.
Тој вели дека МАНУ треба да даде една критичка анализа на концепцијата за основно образование, но самиот факт дека МОН бара да се направи до крајот на јануари 2021 година во краток рок е нетранспарентен. Тоа, според него, покажува дека односот на политичарите спрема образованието што не е прв пат, не е само несериозен, туку е и деструктивен и понижувачки.
– Реформите во образованието не смеа да се носат прек уноќ. Како претседател на највисоката научна институција во земјата уверувам дека е погрешно реформите во образованието да се носат преку ноќ. Во една од најсиромашните држави во Европа се предлага концепција која што не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги и најнапредните образовни земји во светот, оценува Коцарев.
Според него оваа реформа можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител.
Исто така, тој додаде дека во 2021 година, неопходно е МАНУ да организира научна расправа за Спогодбата од Преспа 2018, на која научно и аргументирано ќе се зборува за нејзиното значење и импликациите врз иднината на Македонија.
-Сведоци сме дека, многу брзо, Спогодбата од Преспа прерасна во извор на регионална дестабилизација, посочи академик Коцарев.