Путин: Војната може да се прелее многу подалеку од границите на Блискиот Исток

Рускиот претседател Владимир Путин на состанок со верските водачи од различни религии во земјата предупредил од можна поширока ескалација на кризата на Блискиот Исток доколку не се запре крвопролевањето и насилството, пренесуваат светските агенции. Тој на состанокот изјавил дека не е во ред што невини жени, деца и стари луѓе се казнуваат во Газа поради туѓи злосторства.

– Нашата задача денес, нашата главна задача е да го запреме крвопролевањето и насилството. Во спротивно, натамошната ескалација на кризата се заканува со тешки и крајно опасни и деструктивни последици. И тоа не само за регионот на Блискиот Исток. Таа може да се прелее многу подалеку од границите на Блискиот Исток, рекол Путин, според транскриптот од неговото обраќање објавен на веб-страницата на руското претседателство.

На средбата со верските лидери тој се осврнал и ја потврдил позицијата на Русија во однос на палестинско-израелскиот конфликт.

– Позицијата на Русија за палестинско-израелскиот конфликт е добро позната и експлицитно беше изнесена во повеќе наврати. Не е под влијание на сегашните околности, туку се заснова на резолуциите на Советот за безбедност на ОН кои предвидуваат создавање на две независни суверени држави, Израел и Палестина. Ова е клучот за трајно и фундаментално решение и мир на Блискиот Исток. Ова е традиционалната позиција на Советскиот Сојуз, а потоа и на Русија од 1948 година, рекол Путин.

Инаку, израeлските копнени сили во текот на ноќта извршија релативно голем упад во Појасот Газа, користејќи тенкови и пешадија.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) го потврдија и го објавија нападот на северот на Газа на платфoрмата „Икс“ и изјавија дека тоа е подготовка за следните фази од борбата.

Претходна вестНајмалку 16 убиени и над 50 ранети во пукањето во американската држава Мејн
Следна вестСе празнува Света Злата Мегленска, не сакаше да се откаже од Христа и по цена на животот