Русија се повлекува од Договорот за забрана на нуклеарни тестови

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон според кој Русија ја повлекува ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови, пренесуваат руските агенции. Како што е наведено во придружните документи, усвоениот закон е изработен со цел да се воспостави паритет во однос на обврските во областа на контролата на нуклеарното оружје. Законот влегува во сила од моментот на неговото официјално објавување, објави „Спутник“.

Претходно беше најавено дека Русија, во случај на повлекување на ратификацијата на Договорот за забрана на нуклеарни тестови, ќе продолжи да доставува податоци од мониторинг станиците за радионуклиди на нејзината територија и ќе добива податоци од меѓународниот систем за мониторинг, сите инструменти од договорот ќе функционираат како и досега, само ќе се промени статусот на Русија според Договорот. Исто така, беше прецизирано дека Москва го задржува правото да ги продолжи нуклеарните тестови, но само како одговор на слични акции на Вашингтон.

Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови беше потпишан во 1996 година, а Русија го ратификуваше во 2000 година. Сепак, некои земји, како Америка и Кина, сè уште не го сториле тоа. Во исто време, државите кои поседуваат нуклеарно оружје доброволно се обврзаа да не вршат такви тестови, пренесува Спутник.

Претходна вестБајден: Ако нема пари за Украина ќе нема ни за Израел
Следна вестЛевица поднесе декларација за солидарност со Палестинците, бара и отповикување нa Фрчкоски од амбасадор во ОН