Руска амбасада: Тврдењата на Османи дека сме заинтересирани за конфликт меѓу Македонија и Бугарија се неосновани

Нема основ за тврдењата на министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, дека сме „третиот фактор“ заинтересиран за конфликти во регионот на Западен Балкан, вклучително и меѓу Македонија и Бугарија, реагираат од амбасадата на Русија во земјава во врска со една од последните изјави на шефот на дипломатијата, Бујар Османи дадена во интервју за Радио Слободна Европа.

– Убедени сме дека нема основа за такви тврдења, а камоли докази, како што беше случај повеќе пати. Напротив, придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во БиХ и во српската АП КиМ, не може да се прецени. Секогаш постапуваме во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Заинтересирани сме за просперитет и мирен соживот на сите земји од регионот без исклучок, со чии народи имаме вековни пријателски врски, се вели во реакцијата на руската Амбасадата објавена на нејзиниот твитер-профил.

Од руската амбасада реагираат и кон македонските медиуми кои пишуваат дека Кремљ се меша во внатрешните работи на Македонија и бараат да се има поодговорен пристап при објавуввањето на материјали за Русија.

– Апсолутно никаков темел немаат ниту обвинувањата што се шират во низа медиуми за наводно „мешање“ на Русија во внатрешните работи на Македонија и нејзините односи со другите земји, а тоа им е добро познато на сите непристрасни набљудувачи и експерти. Ги повикуваме медиумите во Македонија на одговорен и професионален пристап при објавување материјали за Русија и принципите на нејзината надворешна политика кои отворено ги декларираме, интеракција заснована на рамноправност, меѓусебно почитување и земање во предвид на меѓусебните интереси, се вели во реакцијата на Амбасадата.

Во интервјуто за РСЕ, кое беше објавено, на 29 јануари Османи вели дека иако тој лично нема директни информации, сепак, Руската федерација е еден од факторите на кои им е од интерес да има конфликти во Западен Балкан.

Претходна вестНа жителите на Автокоманда „железарското парно“ им го заменија со „градското“, тие закажаа протест
Следна вестЗагина работник по пад од градежен објект во Аеродром