На жителите на Автокоманда „железарското парно“ им го заменија со „градското“, тие закажаа протест

Протест денеска во 17 часот најавуваат преку социјалните мрежи жителите на скопската населба Автокоманда откако нивните домови веќе не се загреваат на „железарското“ парно. Тие реагираат бидејќи сега се приклучени на ЕСМ „Снабдување“ кое испорачува парно греење на останати подрачја во Скопје без да бидат информирани или да се побара нивна согласност.

-Протест во 17 часот на Коцка. Стоп за самоволието. Народот да одлучи за парното: пишува во објавата на Фејсбук групата Ѕид на општина Гази Баба.

Граѓаните сметаат дека греењето сега им е послабо и стравуваат дека сега, откако се приклучени на топланата Исток ќе плаќаат поскапи сметки и нема да имаат греење 24 часа. Тие го повикаа градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, да реагира и да ги заштити нивните интереси.

Стефковски, пак, преку Фејсбук им објасни дека за овој процес дознал уште на почетокот на декември минатата година, од писмото кое му го упатиле граѓаните од Урбаната заедница „Автокоманда“. Следниот ден, упатил писмено барање до директорот на АД ЕСМ – Подружница „Енергетика“ Далибор Богдановски, со кое побарал средба за објаснување на ситуацијата, но како што тврди до денеска не добил одговор.

-За мене е спорен начинот на кој се спроведени активности од страна на службите на „Енергетика“ и ТЕ-ТО, без знаење, информирање и согласност од граѓаните кои се корисници на топловодно греење и имаат склучено полноважни договори за снабдување со топлинска енергија. Општина Гази Баба и јас како градоначалник немаме никаква директна законска надлежност по однос на тоа кој снабдувач со топлинска енергија ќе ги снабдува домаќинствата во Автокоманда. Барањата на граѓаните се и мои барања. И затоа ја имате мојата поддршка во остварувањето на вашите права, им порача Стефковски на граѓаните.

Од АД ЕСМ денеска објаснија дека од 1 февруари годинава, согласно Одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, ЕСМ Дистрибуција на топлина ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлина и во населбата Автокоманда. Оттаму објаснуваат дека за домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на оние кои претходно ги добивале, додека деловните потрошувачи и образовните институции, кај кои наплатата се врши по мерач, ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија.

-Заради оптимирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата системи за централно греење кои функционираат одделно согласно лиценците: ЕСМ Енергетика и системот кој го сочинуваат ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство и ЕСМ Снабдување, извршено е одделување на мрежа која се наоѓа во населбата Автокоманда од ЕСМ Енергетика и нејзино спојување на дистрибутивната со мрежата која ја управува ЕСМ Дистрибуција и овие две мрежи се сега една функционална целина. Согласно Законот за енергетика, ЕСМ дистрибуција на топлина, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, има склучено договор со ЕСМ Снабдување со топлина за продажба на топлинска енергија наменета за потребите на потрошувачите. Токму затоа потрошувачите од оваа населба, од 01 февруари се потрошувачи на ЕСМ Снабдување, Александра Маројевиќ, помошник на директорот за производство.

Претходна вестФајзер со рекорден приход во 2022 година, само од вакцини заработиле 57 милијарди евра
Следна вестРуска амбасада: Тврдењата на Османи дека сме заинтересирани за конфликт меѓу Македонија и Бугарија се неосновани