Русковска уште во саботата го предупредила министерот Спасовски дека е можно бегство на Мијалков

Јас во саботата некаде после 12,30 на пладне, откако добив информација дека е можно бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, остварив контакт со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при што тој ми кажа дека ќе ги провери сознанијата кои јас сум ги добила, изјави синоќа шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Во интервјуто за „360 степени“ таа објасни како течела комуникацијата со МВР околу овој случај. Русковска рече дека од свои извори добила информација дека е можно Мијалков да бега.

-Некаде после 15 часот, сега не знам точно, ми се јави министерот и ме замоли она што по телефон сум му го кажала да го напишам на писмено и да му го доставам. Јас истото го сторив и известување доставив, сега не знам дали беше 16,30 или 17,00 часот, мислам дека нема да биде толку битно, не обрнував внимание на тоа и некаде после 10 и пол часот, односно 22 и 30, ми донесоа известување од полиција, односно истото известување кое јас им го пратив само со додадени генералии на обвинетиот Мијалков. Јас се јавив на директорот на полиција, го прашав дали оствариле контакт со Агенцијата за национална безбедност и дали тие имаат некои сознанија при што директорот ми кажа дека Агенцијата за национална безбедност нема сознанија за бегство на Сашо Мијалков, наведе таа.

Русковска потоа се слушнала и со Републичкиот обвинител кој ја прашал колку и е сигурна информацијата на што таа одговорила дека тоа и е оперативна информација од личен извор. Та повторно се слушнала со личниот извор кој повторно и потврдил дека има голема веројатност дека се подготвува бегството.

На прашањето зошто уште во саботата не е побаран притвор, врз основа на добиените сознанија, обвинителката посочува дека информацијата била непотврдена, а за можно бегство не знаеле ниту во АНБ.

-Видете, тоа беше непотврдена информација од еден извор. Замислете, кога Агенцијата за национална безбедност нема никаква информација, врз што ние да настапиме со сигурност?, објасни Русковска.

Таа тврди дека нема „крт“ во Обинителството, а за другите институции не е сигурна.

Претходна вестДобра иницијатива: ОМД бара од Нетфликс, Амазон и Линкдин да воведат македонски јазик
Следна вестДенеска нова пресуда за случајот „Монструм“