Од 25 до 29 март, комплексот „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на Саемот на мебел 2026, кој годинава се одржува под мотото „Инспирација за секој дом“. Настанот традиционално ги обединува производителите, дистрибутерите и брендовите од индустријата за мебел и ентериер на едно место.
Во текот на петте саемски дена, посетителите ќе имаат можност да ги разгледаат најновите колекции мебел, современи решенија за ентериер, декоративни елементи и иновативни материјали за уредување на домови, канцеларии и јавни простори. Понудата опфаќа различни стилови – од минимализам и скандинавска естетика, до класични и луксузни концепти.
Годинава, посебен акцент е ставен на монтажните и модуларните куќи како сè попопуларна алтернатива во современото домување. Во рамки на првата зона ќе бидат претставени и решенија за дворови, градини и надворешни простори, со фокус на практичност и одржливост.
Се очекуваат повеќе од 70 брендови и над 15.000 посетители, што го позиционира настанот како значајна деловна и изложбена платформа за индустријата.
Работното време на саемот е од 10:00 до 20:00 часот секој ден, а посетителите ќе можат да ги искористат и специјалните саемски понуди. Партнер на настанот е Комерцијална банка АД Скопје.
Саемот на мебел 2026 повторно ја отвора вратата за идеи, нови соработки и конкретни решенија за уредување на просторот – без разлика дали станува збор за мал стан или голем деловен објект.




