Шпанскиот парламент го отфрли предлогот на крајно левичарската опозициска партија Подемос за одржување нов референдум за членството на земјата во НАТО.
Подемос повика на ново изјаснување на граѓаните, како што беше случај во 1986 година, по повод 40-годишнината од членството на Шпанија во Алијансата, но не успеа да обезбеди доволна поддршка.
Предлогот беше одбиен од владеачката Социјалистичката работничка партија на премиерот Педро Санчез, како и од опозициските партии, меѓу кои Народната партија, крајнодесничарската Вокс, Баскиската националистичка партија и Жунтс за Каталонија.
Пратениците од помалиот коалициски партнер во Владата – Сумар гласаа воздржано, додека иницијативата, покрај Подемос, ја поддржаа Републиканската левица на Каталонија и баскискиот сојуз Билду.
Во предлогот, Подемос наведува дека само 21 процент од шпанските граѓани го поддржуваат членството во НАТО под сегашните услови и дека мнозинството помлади од 58 години не го сметаат останувањето во Алијансата за исправна одлука.
Лидерот на Подемос, Ионе Белара, ги обвини американскиот претседател Доналд Трамп, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за „поттикнување војна и трка во вооружување“.
Таа истакна дека предлогот има за цел враќање на надворешната политика заснована на мир, меѓународно право и соработка меѓу народите, како и ставање на демократската волја на граѓаните во центарот на одлуките за војна и мир.
Воедно, Белара го обвини премиерот Санчез дека дејствува спротивно на својата порака „Нема војна“.




