Трагичните несреќи во изминатиов период во кои смртно настрадаа неколку пешаци покажаа колку е загрозена ова категорија на учесници во сообраќајот од страна на несовесни возачи. Но, ситуацијата на скопските сообраќајници покажува и нешто друго. На прометните булевари речиси секојдневно се случуваат бројни прекршувања на сообраќајни правила од страна на самите пешаци.
Во градот има на десетици места на кои пешаците ги поминуваат улиците иако таму нема никаков пешачки премини. Се чини дека такви се десетина локации и кои претставуваат своевидни „црни пешачки точки“ кои се омилени места за пешаците да си „прошераат“ среде улица.
Само денес екипата на „Скопско ехо“ регистрира моменти на две вакви „црни точки“. Првата е на булеварот “Борис Трајковски“ во делот веднаш до објектите на општина Кисела Вода и на автобуската постојка. Тука, поминувањето на пешаците на неодбележано место е секојдневие и претставува голема опасност. Парадоскот да биде поголем, во непосредна близина на овој „див“ пешачки премин има дури два обележани пешачки премини. Но, голем дел од пешаците едноставно ги заобиколуваат и не ги користат.

Второто ризично место е делот на булеварот „Кирил и Методиј“ кај катната гаража „26 јули“. Тука пешаците, исто така, поминуваат преку прометна сообраќајница иако никаде нема пешачки премин. Тој е во близина но граѓаните кои најчесто одат на Зелено пазарче често прават прекршоци предизвикувајќи опасност.
Слична состојба е и на Бит-пазар, како и на други локации во градот. Надлежните градски органи и полицијата треба да се позанимаваат со овој голем проблем. Ваквите опасни преминувања во центарот на градот кај старата Градска болница се намалија со поставување на огради. Можеби и на овие локации проблемот треба така да се решава? А можеби треба и повеќе полиција на црните точки и казни да фрчат.




