Си во Москва: Спремни сме заедно со Русија да го браниме светскиот поредок заснован на меѓународното право

Многу ми е драго што на покана на претседателот Владимир Путин уште еднаш ќе допатувам во државна посета на нашиот близок сосед. Во име на кинеската влада и народ ги изразувам моите искрени поздрави и најдобри желби до владата и народот на Русија, се вели во писмената изјава на кинескиот претседател Си Џинпинг, објавена по неговото пристигнување во Москва.

– Кина и Русија се добри соседи и сигурни партнери, поврзани со планини и реки. Пред десет години, за време на мојата прва посета на Руската Федерација како претседател на Народна Република Кина, јас и претседателот Владимир Путин отворивме нова страница во сеопфатниот развој на кинеско-руските односи. Во текот на овие 10 години билатералните односи се зајакнаа и се развиваа врз основа на неконфронтација и не се насочени против трети земји, создаден е нов модел на меѓудржавни односи во духот на меѓусебното почитување, мирниот соживот и заемно корисна соработка, нагласи кинескиот лидер.

Според него, политичката меѓусебна доверба постојано се продлабочува, практичната соработка се проширува, се одржува блиска и ефективна соработка на меѓународната сцена.

– Пријателството е засекогаш длабоко вкоренето во срцата на луѓето. Развојот на кинеско-руските односи не само што носи опипливи придобивки за народите на двете земји, туку дава и значаен придонес за напредокот на целиот свет. Кина и Русија, како големи сили и постојани членки на Советот за безбедност на ОН, играат важна улога во меѓународните работи. Во свет кој е далеку од мирен, Кина е подготвена заедно со Русија одлучно да го поддржи меѓународниот систем со центар на ОН, да го заштити светскиот поредок заснован на меѓународното право и основните норми на меѓународните односи засновани на целите и принципите на Повелбата на ОН, да се одржи вистинскиот мултилатерализам, да се промовира мултиполарноста во светот и да се демократизираат меѓународните односи, да се промовира развојот на глобалното владеење во поправедна и порационална насока, објасни кинескиот лидер.

Тој истакна и дека очекува за време на посетата со претседателот Владимир Путин детално да размени мислења за прашања од билатералните односи и важни регионални и меѓународни теми од заемен интерес и да презентира план за развој на стратешка и практична соработка.

Претходна вестДизелот поевтин за 1,50 денар, бензините за 0,50
Следна вестОдобриле научен труд за опасноста од вештачката интелигенција напишан од вештачка интелигенција