Силјановска: Во време на социјалдемократска власт Македонија станува држава на социјални случаи

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова на вечерашниот митинг во Ѓорче Петров им порача на насобраните граѓани дека нема да ги засрами ако биде избрана за претседател.

-Ви ветувам дека нема да ве засрамам. Ќе се обидам да се надминам себеси, заради вас, рече таа.

Во својот говор, таа меѓу другото, истакна:

-Во време на социјалдемократска власт, Македонија станува држава на социјални случаи! Секој ден се зголемува бројот на сиромашните луѓе. Дури и луѓе со знаење, со дипломи, луѓе кои би требало да бидат горда интелигенција, паѓаат на дното. А на врвот неколку семјества! На врвот неколку стотина луѓе кои не знаат што да прават со себе! Мора час поскоро да сториме нешто, вие сте тие кои можат тоа да го сторат! Доаѓа времето на отчетот, иако не гледам отчет од сегашниот претседател. Времето на изборите е време на соочување со народот! Тој го дава легитимитетот, тој го враќа легитимитетот, тој го зема легитимитетот! Суверенитетот исто така, потенцира Силјановска.

Таа додаде дека луѓе кои не ги застапуваат граѓаните, луѓе кои надвор не ги бранат националните и државните интереси, не можат да не прават нас ниту достоинствени ниту горди.

-А верувам дека и Македонија е свесна за тоа и страда и самата сака да си заминат овие луѓе кои ја срамат и да дојдат други со кои ќе се гордее! Други кои ќе останат запишани дека сториле нешто кога и било најтешко! Тогаш кога сите сме мислеле дека 80 години потоа ова ќе биде цветна европска градина, ама во трње живееме, вели Силјановска – Давкова.

Силјановска уште нагласи:

-Срамота е ненормалноста да биде нормална Срамота е да мислиме дека криминалот и корупцијата се природна појава! Не! Не се. Тие се катастрофа! Ама страшно е што се од карактерот на епидемија. Тие се вистинска елементарна непогода. Мора да сториме нешто за да си заминат“.

Претходна вестНАСА работи на робот-куче за спасувања на Месечината
Следна вестПендаровски: Го повикуваам на дуел Мицкоски, очигледно тој е кандидат за претседател, премиер, претседател на Собранието и државен обвинител