Не престанува револтот кај камперите, но и кај останатата јавност во врска со „чистењето“ на теренот околу езерото Треска, за што тие добија рок од 60 дена да ги дислоцираат приколките. Дотолку повеќе што никој, па ни тие, не знаат што точно таму ќе се гради.
– Градоначалникот Беџети ако беше човек на граѓаните пред било што да почне требаше да ни го даде на увид деталниот урбанистички план, барем про-форма да ги праша граѓаните, а не вака, пред свршен чин: ниту знаеме што се гради, ниту кој профитира, а Треска е на граѓаните не на Беџети, коментираат дел од скопјани.
– Седиш така во фотелја и еден ден ти текнува дека ќе го уриваш скопското прибежиште, нашата Треска, генерации наназад… При тоа од никого не си побарал согласност, па Треска не е твоја Беџети, таа е наша, на скопјани, велат другиот дел.
Градскиот татко Петре Шилегов пак се иззема од одговорност, нагласувајќи дека во 2013 година Владата одлучила да го даде езерото под надлежност на општината Сарај. Тогаш, смета Шилегов, градоначалникот Коце Трајановски требало да реагира на владината одлука. Сега го повика Беџети да го покаже ДУП-от. Од општината пак до овој момент молк.