Советниците ќе се изјаснат за Градскиот буџет за 2021 година кој изнесува 116 милиони евра

Вкупно 7,199 милијарди денари, односно, околу 116 милиони евра се планира да изнесува Буџетот на Град Скопје за претстојната 2021 година. За усвојување на предложената градска каса за следните 12 месеци ќе се изјаснуваат градските советници на денешната седница на Советот на Град Скопје која ќе се одржи по пат на конференциска врска. Во образложението на предложениот Буџет се наведува дека тој ќе биде помал од парите кои градските служби ги потрошиле во текот на годинава – 126 милиони евра.

Согласно направените проценки и анализи, со Предлог буџетот на Град Скопје за 2021 година се предлага износ од 7,2 милијарди денари вкупни приходи и другиприливи. Во предлогот се планира и дел од вишокот на приходи остварен во минатите години, во износ од 477.000.000 денари. Споредено со 2020 година, предложениот буџет на Град Скопје за 2021 година, се намалува за 8,5 проценти, се наведува во предлогот.

Во документот се наведени и конкретни проекти кои ќе се финансираат од градската каса. Така, на пример, наведено е дека за продолжувањето на булаверот АСНОМ во Аеродром ќе се одвојат 1,45 милион евра, за булеварот БИХ – 1,29 милион евра, а за проект за уредување на Скопското Кале и за поставување на урбана опрема околу 180.000 евра.

Се планира и финансирање на тунелот под Кале, односно, поврзување на булеварите „Свети Климент Охридски“ и „Никола Карев“ за чија проектна документација ќе се  одвојат околу 580.000 евра. Се планираат и 1,45 милиони евра за проект паметно улично осветлување и платформа „Дигитален град“, околу 322.000 евра за зелени површини на зградите и други проекти.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Илјадници наставници можно е да останат без работа
Следна вестНаравоучение од Финска и од фините!