Србија ќе ни помага и во регистрацијата на вакцината, а што правеле македонските органи?

Соседната Србија е подготвена не само да испрати 8.000 вакцини туку и да и помогне на Македонија во надминувањето на проблемот со регистрацијата на вакцините. Ова денеска го изјавила српската премиерка Ана Брнабиќ која рече дека се подготвени за други видови на помош.

Имаме договор, разговараа премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и српскиот претседател, Александар Вучиќ. Вучиќ реши да им помогне со 8.000 вакцини. Ние помагаме да се регистрираат вакцините на „Фајзер“ во Северна Македонија. Ние работиме со нив. Проблемот може да биде во тоа што тие добиле вакцини на Фајзер’, но не биле регистрирани. Поентата не е само да се дојде и да се купи вакцината, но има многу повеќе работи зад завесите. Регистрација од соодветната агенција, план за вакцинација. Ние сме една од ретките земји што имаме соодветен информативен систем. Нашите граѓани знаат како да се пријават за вакцината, сè е транспарентно. Слушнав приказни од луѓе од други земји каде што велат дека немаат идеја како да се пријават, кои им се приоритетни групи, изјави Брнабиќ.

Таа додаде дека е се подготвени да ги примат македонските лекари да се вакцинираат во Србија.

-Понудено е лекарите од црвената зона да дојдат во Србија и да се вакцинираат тука, кажа Брнабиќ.

Масовната вакцинација започна во Србија пред два дена, а три вида вакцини им се достапни на граѓаните: „Фајзер-Бионтек“, Спутник V и „Синофарм“. До сега се вакцинирани околу 50.000 граѓани.

Се уште не е познато кога во Македонија ќе пристигнат вакцините од Србија. Македонскиот министер за здравство Венко Филипче неодамна изјави дека очекува брза испорака. Меѓутоа, сега на виделина излезе проблемот со нерегистрацијата на вакцината на „Фајзер-Бионтек“ во нашатa земја. Таа процедура очигледно не била завршена штом е понудена помош од Србија и што веднаш поставува прашање зошто таа обврска не е благовремено исполнета. До сега имаше доволно време тоа да се заврши и надлежните органи задолжени за регистрација на вакцините треба да одговорат на ова прашање. Вака, се доаѓа во ситуација да Македонија, доколку во наредниве денови добие донација или купи вакцини од производители или од други земји, да не може да ги прими и веднаш користи бидејќи не е завршена постапката за регистрација!?

Чуден е начинот на кој е подготвена Македонија за вакцинирањето, а властите не убедуваат дека е се подготвено само вакцината треба да пристигне.

Претходна вестДел од матурантите ја бојкотираат наставата
Следна вестСобранието го изгласа законот за попис, ВМРО-ДПМНЕ ќе бара негово поништување