Србија му подари реми на Камерун

Српските фудбалски репрезентативци му подарија бод на Камерун, во ситуација кога имаа предност од 3:1. Делуваше дека имаат и целосна контрола на теренот. Но, примија два лесни гола од контранапади па крајниот резултат е 3:3.

Србите тргнаа жестоко, Митровиќ во 11.минута ја погоди стативата, а неколку минути подоцна, најдобриот стрелец на Србија од девет метри го промаши целиот гол.

Во екот на нападите, српските фудбалери доживеаја целосен шок. Лошо се бранеа Србите по првиот корнер на Камерун, Кастелето во 28.минута остана сам на втората статива и само ја спроведе топката во празната мрежа.

Србија бргу се врати по примениот гол во судиското надополнување на времето.

Павловиќ во првата минута беше највисок по третиот корнер на Србија, а две минути подоцна Сергеј Милинковиќ-Савиќ од 16 метри упати прецизен удар кој заврши во голот.

Силовитоста од финишот на првиот дел Србија го пренесе и во вториот, па по извонредна тимска акција, Митровиќ зголеми на 3:1. И сите гледачи очекуваа тактичко држење на средината на теренот, но…

Србите продолжија да напаѓаат, оставија премногу простор, што го искористи Абубакар. Играчот кој влезе од клупата, најпрвин во 63.минута намали на 2:3, а три минути подоцна му асистираше на Шупо-Мотинг за голема радост на камерунските навивачи и израмнување на резултатот на 3:3.

До крајот Србија имаше две шанси, но не успеа да дојде до трите бода.

Критики кон селекторот Драган Стојковиќ-Пикси стигнаа веднаш по натпреварот: Поранешниот фудбалер на Атлетико Мадрид, Вердер и Арминија, Раде Богдановиќ, кој работи како стручен коментатор на српскиот јавен сервис РТС, жестоко го критикува селекторот на Србија.

-Го одигравме натпреварот без тренер на клупата. Никогаш не сум го видел ова. Страшно. Водиш 3:1 и пушташ петмина да притиснат високо, да играат пресинг, па како селектор треба да мислиш ‘дај да ја испуштам топката, физички не сме добро подготвени, слична ситуација имав против Бразил, истакна тој.

Во последното коло Србија ќе игра против Швајцарија, а Камерун против Бразил.

Претходна вестБензините поевтини за два денари, дизелот за денар и пол
Следна вестДрама на концерт на Лепа Брена: Шест пензионери се онесвестиле