Царовска на средба со СОНК: Синдикатот е важен партнер, заедно ќе ги спроведеме реформите

Реформите во образованието се нужни и навистина треба да се направат, а синдикатот е важен партнер во носењето на новата концепција и спроведувањето на реформите, се согласија на денешната средба министерката за образование и наука Мила Царовска и Јаким Неделков од Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК. Тие разговараа за најавениот реформски процес во основното образование и за предложената нацрт-концепција, за која синдикалците вчера кажаа дека е избрзана. 

Во денешното соопштение на МОН се наведува дека министерката Царовска истакнала дека овој процес требало да се случи уште пред една деценија.

– Со предложената концепција за секое дете во државата ќе бидат достапни позитивни и современи модели на учење кои во моментот може да си ги дозволат само дел од граѓаните, а наставниците ќе добијат слобода во организирањето на наставата, но и кариерен развој и можности за унапредување – рекла Царовска.

Во соопштението се наведува дека продолжуваат дебатите и консултациите за Нацрт-концепцијата и дека во нив од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК, експерти, професори и други засегнати страни и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, амбасадите на Велика Британија и Швајцарија, Делегацијата на ЕУ.

Инаку, СОНК вчера соопшти дека најавените реформи на министерката за образование Мила Царовска ги смета за избрзани.

-СОНК за Нацрт-Концептот за реформи во основното образование смета дека не се создадени неопходните услови за непречено одвивање на наставата, без претходно отстранување на слабостите за нејзино успешно реализирање и со многу неодговорени прашања и детали во самиот документ. Советот на СОНК донесе заклучок, во интерес на поуспешно реформирање на основното образование, дека треба оваа иницијатива да се одложи или да се спроведат пилот училишта во кои би се отпочнала истата и врз основа на резултатите во тие училишта да се детектираат и отстранат евентуалните слабости, да се констатираат добрите страни, а потоа да се преземат чекори за спроведување на реформите, смета репрезентативниот синдикат.

Претходна вестДаштевски: Јас сум најнепартиски член
Следна вестБагер се излизгал од коловозот, тешко повреди едно лице