Првиот човек на новиот состав на Државната изборна комисија Александар Даштевски денеска негираше дека на функцијата е избран поради блискоста со опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. По денешното давање на свечени изјави на новоизбраните членови на ДИК тој за својот избор и тоа што доаѓа на предлог на опозициската партија рече дека „изборот е по предлог на партија до избирање“.
-Самиот Закон вели дека треба да ги правиме после работите стручно и професионално, така што тука завршуваат партиската помош. Може да се каже дека сум јас најнепартиски, ниту сум член во тело на некоја партија, така што тоа е само за изборот. Веројатно верувале дека можам да сработам добро и поради тоа се одлучиле за мене – изјави Даштевски.
Тој демантира дека оваа функција ја добил затоа што му помогнал на поранешниот премиер Никола Груевски да добие азил и затоа што актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски исполнува ветувања кон него. На прашањето дали е сигурен во тоа тој одговори: „100 отсто“.