Уапсен дилерот Ариф Алили кој избега од затвор

Полицијата го пронајде затвореникот Ариф Алили од Кичево, кој издржува казна затвор во затворот „Скопје“ во Шутка и за кој ВМРО-ДПМНЕ обвини дека избегал на пет месеци пред истек на казната.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека тој бил приведен во Битола.

– Денеска беше приведен бегалецот од КПУ Затвор Скопје на ул.„Димитар Илиевски Мурато” во Битола, А.А.(42) од Кичево. Тој бил осуден на казна затвор од три години, а бил баран по наредба на Казнено-поправната установа Затвор Скопје заради бегство од затворот. Лицето е спроведено во установата за доиздржување на казната, соопштија од МВР.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски пред некој ден соопшти дека Алили избегал од затвор.

– Пред два дена од затворот каде директор е Филип Андов Сокол, избегал Ариф Алили од Кичево. И Алили, најновиот бегалец од затворот под окото на Сокол, како и бегалецот од пред две недели бил дел од таканареченото „слободно одделение“. Ариф е еден од двајцата браќа Алили добро познати на кичевската јавност, уапсен во септември 2020, бил осуден на три години, по опсежна акција за апсење на наркодилери, а од затворот Шутка бега на пет месеци пред истек на казната, изјави тогаш Стоилковски.

Претходна вестЏефри Сакс: Флертуваме со третата светска војна
Следна вестТаравари по средбата со Ковачевски: Синхронизиравме 90 проценти од програмските определби