Нови протести против неодамнешното поскапување на струјата за 7,4 отсто ќе се одржат утре во Скопје, Тетово, Прилеп, Битола и Кичево. Организаторите на протестите најавуваат дека утре во период од 14 до 16 часот ќе бидат блокирани крстосниците кај трговскиот центар „Мавровка“ и кај ТЦ „Палома Бјанка“ во центарот на градот. Протестниот марш ќе започне од комплексот „Чаирчанка“ а учесниците потоа ќе се упатата кон локациите за кои се предвидува да бидат блокирани.
-Со оглед на тоа што Републичка комисија за енергетика и Владата до денес не одговараат на барањата на граѓаните, Скопскиот протестен совет, поддржан од Полицискиот сојуз, Синдикатот за образование, Конфедерацијата на синдикатите и други граѓански здруженија и невладини организации, одлучија да продолжат со мирни протести против зголемувањето на цената на електричната енергија. Но овој пат без говори, но со блокади на крстосници, и тоа по моделот 2 крстоници по 2 часа, а потоа 4 крстосници по 4 часа итн, се вели во најавата за протестот во Скопје.
Минатиот петок протестирачкиот одбор побара РКЕ веднаш да ја поништи одлуката за покачувањето на струјата, да се намали цената за 46 проценти, намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто, распуштање на РКЕ, но и да се формира независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги.