Темен режим Режим на светлина

Владата ќе ги разгледа предлозите на опозицијата за надминување на енергетската криза

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашната средба договорија ВМРО-ДПМНЕ да ги достави своите контакти за набавка на поевтини енергенси. Контактите ќе бидат доставени до министерот за економија Крешник Бектеши, кој треба да ги исконтактира посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми.

Меѓу предлозите кои ги претставило ВМРО-ДПМНЕ во Владата е да се обезбеди енергенс за работа на ТЦ Неготино по цени поевтини од берзанските, а струјата што ќе се произведе да се даде на стопанството, за да се зачуваат работни места. Предлагаат и да се обезбедат ресурси за производство на електрична енергија и топлина од ТЕ-ТО Скопје. Електричната енергија ќе ја користат граѓаните и индустријата на регулираниот пазар, а топлината оние корисници кои ги плаќаат своите сметки во БЕГ. Побарано е и сите јавни претпријатија кои што се занимаваат со комунална и водостопанска дејност, да се префрлат од слободниот на регулираниот пазар.

Мицкоски по средбата рече дека брзо ќе ги достават контактите.

-Веднаш после оваа средба ќе ги контактираме нашите позиции, ќе ги пренесеме контактите до министерот Крешник Бектеши и од тој момент понатаму очекуваме оваа неизвесност во која што во моментов се наоѓа Македонија, граѓаните и стопанството да се ублажи. Односно да обезбедиме евтин ресурс со кој што ќе можеме да обезбедиме евтина струја односно поевтина од таа што е на берзите, а со што ќе им помогнеме на граѓаните, на стопанството и на државата. Предлагаме позиција која што ќе обезбеди значително поевтин ресурс за ТЕЦ Неготино. Цената по која што тој ресурс ќе биде донесен до ТЕЦ Неготино нормално и комерцијалните услови ќе си испреговара и Владата, зголемена за трошоците на производство на тој ресурс ќе даде цена на електрична енергија која што ќе биде најмалку два пати помала од таа која што во вој момент е на берзите, изјави Мицкоски.

Премиерот Ковачевски изјави дека средбата поминала во добар дух при што ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза. Информирале за производството на енергетските капацитетети, за обезбедувањето енергенси – јаглен и мазут, а ја нагласиле и потребата што побрзо да се донесат во Собранието сите закони поврзани со надминувањето на енергетската криза. Станува збор за Законот за задолжување од ЕБОР во износ од 100 милиони евра по поволна каматна стапка за поддршка на работата на ЕСМ, Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за кратење на финансиски средства од буџетот кои се со помал процент на исполнетост и и кои не се неопходни и префрлање во ставки за справување со енергетската криза.

– Разговаравме и за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и за префрлувањето на здравствените установи за снабдување кај ЕСМ продажба. Беше реафирмирано барањето на опозицијата за вклучување на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар, кое ќе биде разгледано од Министерството за економија во соработка со ЗЕЛС, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека треба да се обезбеди се она што е потребно за што полесно пребродување на оваа најтешка зима

.-Не е време за прибирање политички поени, туку за заедничка работа за пребродување на енергетската криза. Владата со сиот свој капацитет прави се што е во наша моќ за да може да обезбедиме се она што е потребно за што полесно пребродување на оваа најтешка зима што ја видел европскиот континент после Втората светска војна, порача Ковачевски по средбата со Мицкоски.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Вандализиран и споменикот на Гоце Делчев, кога еднаш ќе се откријат вандалите?

Следна објава

Приведени разбојници во Скопје, следува кривична пријава