Владата ќе се информира за филмските студија на Џон Малкович, во игра локацијата во Карпош

Владата денес или утре ќе биде информриана за проектот за изградба на филмски студија кој во август годинава преку видеообраќање го најави светската филмска ѕвезда, Џон Малкович. За ова денеска информира министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој рече дека министерството со кое раководи ги разгледало документите за проектот. Бочварски, кој денеска беше во Пробиштип по повод распределбата на социјални станови во градот, одговарајќи на новинарски прашања рече дека ќе има координација и со Општина Карпош за да се добие јасна слика за состојбата на терен околу евентуалните кориснички и сопственички права.

Според министерот, сите документи ќе бидат претставени пред владината Комисија за економски систем, а потоа се очекува Владата да заземе став за проектот.

-До Комисијата во Владата беше доставено барање за проект од страна на неколку компании, кое е препратено до Министерството за транспорт и врски. Кај нас се формираше оперативна група и комисија којашто одржа прелиминарен прв состанок на кој што ги разгледа првично документите. Оперативната група веќе во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за тоа каква е документацијата, што е она што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и да се дискутира. Веројатно ќе треба да има дополнителни координации со Општина Карпош заради тоа што земјиштето е на таа територија. Од тој аспект ќе треба Општина Карпош да има дополнително уште еден состанок со институциите, како Агенцијата за катастар на недвижности и сите оние прашања кои ќе се јават со цел навреме и брзо да ја информираме Владата за идните чекори и постапки, изјави Бочварски.

Прашан кога би можело да се очекува да се реализира овој проект, министерот за транспорт и врски вели дека не сака да прејудицира и оти прво треба да „имаме јасна слика за тоа каква е состојбата на терен  сликата на терен“. Тој потенцира дека има одредени микролокации што инвеститорите ги даваат во својот проект, но на таа микролокација е изработен и е во сила детален урбанистички план.

-Поради тоа, мораме со Општина Карпош да ја разгледаме целата оваа постапка, да не има некое приватно земјиште. Корисничките права се исклучително важни во секој, па и во овој проект. Потоа на седница на Комисијата во Владата што ја води потпретседателот Битиќи ќе се разговара со сите аргументи. Сметам дека потоа Владата ќе заземе став, наше е да ги разгледаме сите документи и да ја информираме, рече Бочварски.

На почетокот на август, оваа година светски познатата филмска ѕвезда Џон Малкович ја изненади македонската јавност кога најави изградба на филмски студија со холивудски стандарди во Скопје. Тој во своето видеообраќање рече дека проектот ќе се вика „Стоунбриџ Студиос“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на народот на Македонија“.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Еден ден откако стана мандатар, на фирмата основана од Ковачевски ѝ се префрлени над 203.000 евра државна помош
Следна вестЖан Митрев со 1 милион евра гарантира дека нема да бега