Во Македонија ќе се формира првиот „Оркестар за џез музика“

Македонија ќе ја добие првата национална установа „Оркестар за џез музика во Република Македонија“ – Скопје. Националниот оркестар ќе делува преку подготвување и јавно изведување на високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век.

Од Министерството за култура известуваат дека Националната установа просторно ќе се смести во објектот на НУ Национална Филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ Национална опера и балет.

По седницата која се одржа неодамна и донесувањето на одлуката од страна на Владата дека Македонија заслужува една ваква институција се огласија и од Здружението на Џез музичари и Слободни Уметници.

– Здружението на џез музичари – ЗЏМ биг бендот сите овие години безрезервно работеше и се залагаше за промоција и афирмација на македонската џез музика и македонските џез музичари, и зад себе остави низа концерти и настапи за паметење, кои направија исклучително влијание врз македонската музичка сцена, но и врз македонската култура воопшто, подигнувајќи ја на едно повисоко ниво и проширувајќи ги хоризонтите на публиката и на целата јавност. Институционализирањето на овој оркестар за џез музика, претставува потврдува за долгогодишните заложби на Здружението и неговите активности реализирани преку ЗЏМ биг-бендот, како и заложбите на бројните музичари кои гравитираат во сферата на џез-музиката. Ви благодариме и вам, кои бевте со нас сите овие години и ја поддржувавте нашата работа, делејќи со нас незаборавни моменти. Продолжуваме понатаму со ветување дека нашиот оркестар ќе продолжи по истиот пат, и во континуитет ќе го афирмира македонскиот џез, во земјава и надвор од неа, се вели во соопштението на ЗЏМ.

Од Министерството за култура пак, велат дека овој оркестар во изминатите години покажа врвен професионализам, предизвика внимание кај пошироката јавност во земјава и надвор од неа, и пополни голема празнина во музичката култура.

Оркестарот во иднина ќе има за цел да ги згрижи младите џезери, да  ја афирмира светската и македонската џез музика, да помогне во развој на музичката продукција, да има бројни концерти, а вмрежен со европските сродни ансамбли да организира и  фестивали.

Претходна вестСкопјанец доби кривична поради коментар на Фејсбук
Следна вестОд попишани 3.504 Бугари, само169 лица се пријавиле да гласаат на изборите во Бугарија