Подобрување на својот статус вчера побараа група лекари приватни – специјализанти со писмо упатено до премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Тие побараа зголемување на платите, платени дежурства и здравствено осигурување.
-Потребно е здравствено осигурување за сите приватни специјализанти при Медицинскиот факултет – Скопје. Недозволиво е во текот на една од најстрашната светска пандемија во 21 век, а веќе во најава и нова светска пандемија од мутиран вирус, дел од медицинскиот персонал што работи по ковид-центрите на Универзитетските клиники да биде здравствено неосигуран, се наведува во писмото.
Исто така, потенцираат тие, недозволиво е да не добиваат никаков финансиски надомест за работа во текот на 24 часа.
-Бараме и покачување на основната базична плата од 26.000 денари, на 32.000 денари на месечно ниво. Во текот на изминатите 3 години сиот медицински персонал што е под државна капа доби покачување на плата од политиката предводена од вас, а само ние како приватни специјализанти не добивме ниту денар покачување, се наведува во писмото.