50. ден војна во Украина : Мариупол речиси уништен, експлозија на бродот „Москва“…

Мариупол, украинскиот пристанишен град, е речиси уништен во борбените дејствија што се водат по неговите населби меѓу руските и украинските воени сили. Русија тврди дека нејзините војници го освоиле скоро целиот град и наведува дека повеќе од 1.000 украински маринци се предале. Сепак, Украина го негира ова.

Заменик-градоначалникот Серхи Орлов изјави дека таму се уште се борат украинските војници. Борбите продолжуваат околу џиновската фабрика за челик Азовстал во пристаништето, која е една од двете области кои не се под руска контрола.

Украинската војска вчера соопшти дека го нападнала и оштетила руски воен брод крстосувач „Москва“ во Црното Море.

-Ракетите Нептун кои го чуваат Црното Море му нанесоа многу сериозна штета на рускиот брод, напиша гувернерот на Одеса Максим Марченко на Телеграм.

Бродот се наоѓа на околу 25 наутички милји од Змискиот остров, јужно од Одеса.

Меѓутоа, Руското Министерство за одбрана демантира дека бродот е погоден со украински проектили. Во соопштението се наведува дека воениот брод „Москва“ бил „сериозно оштетен“ по експлозија на муниција предизвикана од пожар.

-Бродот е сериозно оштетен. Целиот екипаж е евакуиран. Причината за пожарот се истражува, соопшти руското министерство.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Европската унија да воведе ембарго на руската нафта.

-Пред се, ни треба ембарго на руската нафта и јасна подготвеност на Европа да се откаже од сета руска енергија. Европската унија мора да престане да ја спонзорира руската воена машинерија, рече Зеленски.

Претходна вестБритански министер поднесе оставка поради скандал, среќа во Македонија нема скандали
Следна вестСе ограничува продажбата на зејтин во маркети