Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за капацитетите на итната медицинска помош во земјата. Според истражувањето, во Македонија недостигаат вкупно 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.
– Најмногу тимови, 18, недостигаат во Скопје, а Битола има 4 повеќе од минимум потребните. Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните. Во моментот во земјата вкупно има 258 тима за итна медицинска помош и овој број, наместо да се зголемува, секоја година се намалува“, се наведува во истражувањето.
Во однос на 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.
Еден тим на итна помош некаде покрива 1.000, а во други градови и до 40.000 жители дневно. Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде што еден тим покрива дури речиси 40.000 жители дневно. Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на речиси 30.000 жители дневно. Најдобро покриени се жителите на малите центри, како Вевчани, Пехчево и Ростуше, каде што еден тим покрива по нешто повеќе од 1.000 жители дневно.
Во една смена на итната помош некаде има по 2, а на други места по 50 интервенции. Не се води евиденција колку повици за барање брза помош се добиваат, а на колку се оди, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.