Во предлог-резолуцијата на Европскиот парламент, која ексклузивно ја објави српска телевизија, експлицитно се бара да се поведе независна меѓународна истрага за изборите во соседна Србија. Дополнително, се наведува дека е неопходно да се испрати независна експертска мисија. Членовите на Европскиот парламент ја подготвија резолуцијата за Србија, која следуваше по изборите за кои многу меѓународни набљудувачи оценија дека се нерегуларни.
Во текстот на документот, во точката четири се бара независна меѓународна истрага од страна на меѓународни правни експерти и институции за нерегуларности на парламентарните, покраинските и локалните избори, со посебен осврт на изборите за Белград.
Исто така, се бара да се испитаат одредени наводи, вклучително и оние поврзани со организираната миграција на гласачите на локално ниво, кои излегуваат надвор од опсегот на извештаите на ОБСЕ/ОДИХР.
Во точката пет ЕП ја повикува Европската комисија да поведе иницијатива за испраќање експертска мисија во Србија.
– Европскиот парламент ја повикува Европската комисија да поведе иницијатива за испраќање експертска мисија во Србија, во која евентуално би биле вклучени експерти од ОБСЕ/ОДИХР, Венециската комисија и Советот на Европа, со цел да се процени ситуацијата со неодамнешните избори и постизборни настани во обид да се овозможат предуслови за воспоставување на потребниот социјален дијалог, кој би довел до враќање на довербата на јавноста во институциите и процена и решавање на системските прашања за владеење на правото во Србија по примерот на Извештаите на Прибе за владеењето на правото во Северна Македонија и Босна и Херцеговина, се наведува во документот.